Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за Ројтерс, во кој беа соопштени четири варијанти за име кои се прифатливи за Македонија, експресно беше пренесено од медиумите во Грција, но текстовите подоцна беа дополнети и со демантот од македонската влада.
Република Северна Македонија, Република Македонија, Република Македонија Вардар и Република Македонија (Скопје)”, се можните имиња за кои македонскиот премиер за Ројтерс изјави дека некои се помалку а други поприфатливи за Грција.
„Многу зборови, малку дела од Заев“, „Владата на ПЈРМ демантира дел од изјавите на Заев за Ројтерс“, „Кои се предлозите на Заев за новото име на ПЈРМ“, се само дел од насловите во грчките медиуми во однос на интервјуто и демантот од владата, јавува дописникот на МИА од Атина.
„Зоран Заев во неговото последно интервју за Ројтерс, каде по објавувањето од неговиот кабинет побрзаа да ги разјаснат точките кои, како што рекоа, не беа пренесени точно, објасни дека единствено што прифаќа е сложено име со географска одредница.
Освен тоа, ништо друго. Ниту разговара за промена на Уставот, подготвувајќи терен за двојна формула, ниту разговара за било што, што го допира идентитетот на народот на неговата земја“, пишува CNN.gr.
„Владата на ПЈРМ категорично демантираше дека премиерот на земјата, Зоран Заев, во неговото интервју за Ројтерс, рече дека ПЈРМ е подготвена да направи некоја промена на Уставот. Премиерот, како што е објаснето, говорел за некоја промена на името, а не на Уставот“, објави грчката новинска агенција.
Грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, коментираат дека и двете страни не отстапуваат од „црвените линии“, а со тоа разликите за одредени точки и прашања меѓу Скопје и Атина сѐ уште не се надминати, а како пример за тоа се споменува ставот на Македонија дека не се потребни измени на македонскиот Устав.




