Младите македонски ракометари минаа низ голгота во клучниот натпревар на Светското првенство во Алжир, но најважно е дека го победија Бразил со 28-23 и ќе играат во осминафиналето.
Добро, сигурно го започнавме натпреварот со многу императиви, и затоа водевме. Еден гол разлика на средина, три (14-11) на крајот од првиот дел. Во вториот не само што не се одлепивме дополнително, за да го заклучиме соочувањето со Кариоките туку, напротив, паднавме, па противникот поведе на прагот на последните десет минути со 22-21. И тука за среќа, ние покажавме карактер. Засиливме во одбраната, неколку пати се одбранивме, а погодувавме во серија која се раздолжи на 4-0 и на 7-1 за конечни 28-23. Ова го посакувавме, ова ни беше неопходно по двата пораза и сега лесно одиме во елиминациите каде треба да имаме и релативно полесен противник во вторник.
Натпреварот Македонија-Бразил 28-23 беше последен во групата Ц. Претходно Шпанија славеше со Тунис 25-21, а Русија со Буркина Фасо 45-9, по што патници за осминафиналето се: Шпанија, Македонија, Тунис, и Русија.