„Прашањето за името на ПЈРМ е од национално значење и ако Алексис Ципрас и Панос Каменос не можат да се согласат, тие мора да поднесат оставка“, изјави лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, Неа Демократија.
Тој го покрена прашањето што ќе се случи доколку лидерот на националистичката „Независни Грци“ и министер за одбрана, Панос Каменос, не ја поддржи одлуката на владата за решавање на името на северниот сосед, јавуваат грчки медиуми.
Пред неколку дена, Панос Каменос изјави дека нема да се согласи со име за Скопје што ќе го содржи терминот „Македонија“.
Лидерот на Неа демократија, во вчера објавеното интервју, ги повика Ципрас и Каменос да излезат со конкретен предлог.
„Ако не можат да го направат тоа, нека поднесат оставка“ вели Мицотакис.
Киријакос Мицотакис предупреди дека „нема национален консензус без конкретен и усогласен предлог од страна на двата владини партнери“.
Со тоа, тој во старт ја стави „под мраз“ можноста за ова прашање да се изјасни Советот на политичките лидери што би го свикал претседателот на Републиката.
Панос Каменос деновиве во неколку наврати изјавуваше дека тој стои зад ставот на Советот усвоен во 1992 за време на тогашниот претседател Константинос Караманлис, дека името на северниот сосед не смее да го содржи, според него, грчкиот збор Македонија. Каменос смета дека само нов совет на лидери може да го смени тоа.
Но, поранешната министерка за надворешни, Дора Бакојани, го демантираше потсетувајќи го дека Каменос во два наврати веќе гласал за сложено име со географска одредница.
Кирјакос Мицотакис е син на Константинос Мицотакис кој беше премиер на Грција од 1990 до 1993 година.





