Денеска до сега, до овој момент имав две значајни средби. Првата беше работниот ручек кој што го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, изјави премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски.
Нормално е дека на тие состаноци се разговара и за европската перспектива на регионот, како и европската перспектива на Македонија како држава.
Она кое што можев да го кажам таму, а да го повторам и за вашите гледачи е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор, истакна премиерот.
– За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе.





