Мицкоски не го прифаќа условот на „Вреди“, ако тоа се уставните измени

„Објективно, кога ќе го прашате народот, граѓанинот во Македонија и тука не мислам на етничка припадност и Македонци и Албанци и останати, огромно мнозинство, би рекол 3/4 мнозинство се за тоа ДУИ да оди во опозиција. Предолго време се, можеби само после Лукашенко во Европа или можеби и повеќе од него, не знам. Треба да им дадеме шанса и можност и на другите да се истакнат и ценам дека треба да видиме овој комплот од политички партии коишто се обединија околу коалицијата „Вреди“, со каков потенцијал располагаат. И добро е македонската јавност тоа да го види“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за 360 степени.



Во продолжение дел од интервјуто:

360°: Како ќе се најдете на темата „уставни измени“ со „Вреди“? Мислам на онаа за внесување на Бугарите во Уставот.

Мицкоски: Не, не, нашиот став тука е јасен и прецизен. Тука ставот е јасен и тука нема промени – не со „Вреди“, со ДУИ… Со сите!

360°: Тоа значи дека тие го прифаќаат вашиот став?!

Мицкоски: Не, не сме отвориле на таа тема разговор, не сме разговарале на таа тема.

360°: Тогаш да не е преурането кога двете страни си се бирате за партнери во владата, а не сте се нашле и не сте се договориле за една ваква тема?

Мицкоски: Сè што е направено како разговор и јавна артикулација на став пред официјално да се прогласи која било коалиција, можеме да го ставиме во рубриката – можеби е преурането. И се согласувам со вас. Но, едноставно, политиката има формални и неформални пораки и добро е да се испраќаат и формални и неформални пораки. Тука нема нешто што е надвор од политичките манири или политичка артикулација на ставови.

360°: Може ли да се испостави по изборите дека една од страните не ја зборувала вистината? Вие велите – не прифаќаме уставни измени по бугарски диктат, од „Вреди“ велат – за нас приоритет број еден е продолжување на интегративниот процес во ЕУ и носење на уставните измени коишто се првата пречка на тој пат. Е, сега, ако вие велите нашиот став е познат, тие велат уставните измени се приоритет број еден, тогаш по избори ќе испадне дека некој не ја зборува вистината.

Мицкоски: Не, не, сè е можно. Сè е можно после изборите да се случи. Ние зборуваме низ призма на дневна политика. Од денеска како стојат работите. Инаку, после изборите, ако има таков услов, ние нема да го прифатиме, затоа што ние имаме јасна позиција поврзана со тој процес. Да, ние сме за продолжување на евроинтегративниот процес, тука нема никој дилема. Тоа е во суштината, тоа е темелот на функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Грешките се направени од страна на претходната влада. Ние немаме намера тие грешки да ги прифатиме, не ги игнорираме бидејќи тие постојат, тука се во собата, затоа сакаме да имаме појасна и многу попрецизна позиција во однос на тие евроинтегративни процеси. Да видиме што, во суштина, има план за нас Европа. Дали воопшто има план за нас Европа. Треба да видиме, да бидеме појасни затоа што вака ова е повторно магловито.