„Нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите, кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација. Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок.“ – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашањето околу барањата за отповикување на Весна Дамева, Милјазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, членовите на Судскиот совет, избрани од Собранието. Ова го објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму весникот пишува: „Органот, којшто ги избрал тие пет члена, има право да даде свое мислење за нивната работа. Тој орган го дал своето мислење со тоа што не им го прифатил извештајот за работа. Сега логично е дека можат пратениците да поднесат барање за таква постапка, за интерпелација на членовите на Судски совет, кои тие ги избрале, бидејќи таму нема членови на Судски совет кои се бирани само од пратениците, туку има и од судовите и тн. Но, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека нема да поднесат оставка и оти ќе продолжат да го водат и натаму судството, иако имаат доверба кај граѓаните од два процента. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи.“ – рече премиерот Мицкоски.
Тој вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок, бидејќи смета оти јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.
„Со сила не можеме да направиме ништо. Нив ги штити законот до последно. Таков е законот, тие можат да речат дека не поднесуваат оставка и оти ќе продолжат додека не им завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме преку јавноста. Сметам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и оти нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок.“ – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.
Тој посочи дека се надева оти тие ќе поднесат оставки. „Мислам дека ќе бидат доблесни да си заминат, ако се изгласа интерпелацијата, односно ако е заклучокот на пратениците да има промени таму.“ – рече Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека, ако бидат разрешени, бирањето на новите членови на Судскиот совет ќе се изврши според законот, што е во сила. „Ние не можеме со претпоставки да водиме политика. Мораме да водиме политика врз основа на параметри, коишто се дел од реалноста и ние ја прифаќаме таа реалност таква каква што е.“ – кажа претседателот на македонската влада Мицкоски.
Во однос на тоа дали ќе поведат некаква постапка за членовите на Советот на јавни обвинители, тој истакна дека ќе следат чекор по чекор многу реформи во правосудството. „Не би сакал никогаш да зборувам со повисок тон, или да се заканувам што ќе следува, но прво да се случат работите, па потоа ќе ги коментираме. Тоа е начинот на кој функционира оваа Влада. Внимателно, чекор по чекор, тивко, без многу помпа, без многу најави, без многу закани, да си ги завршуваме работите.“ – напомна премиерот Мицкоски.
Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ во петок до законодавниот дом поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се бираат од страна на Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Во врска со интерпелациите за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието Африм Гаши се посочува дека се поднесуваат, поради недоследно спроведување на надлежностите, особено поради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.





