Мицкоски и екипата се готови, Филипче издржи!

Пишува Драган Милосављевиќ



Македонија во моментов има безброј проблеми, но еден, ми се чини е клучен. Во центарот на метрополата, во зградата која нагалено ја нарекуваме „шампита“, се вгнездила една екипа составена од занесеници која упорно, да не речам дрско, крои планови како да обезбеди опстанок на државата. Господата, а и дамите во друштвото се нечуени оптимисти. Зборуваат со јазик кој подолго време овде беше заборавен. Речиси исчезнат. Глаголат за национална чест и достоинство. Подметнуваат некаков атавизам дека е сосем во ред да си ја сакаш земјата. Нивниот водач, извесен Христијан Мицкоски дури вели: Не сакаме да ја свиткаме кичмата. Не ни е по мерак така да шетаме по светот.

– Ајде мајката, би одговорил ценетиот поранешен премиер Заев и би додал: Друго, што не ви е по мерак?!

И во право е човекот. Ова е класично отстапување од зацртаната политика со која години наназад парадиравме наоколу како прасиња пред месарница. Парадиравме, потпишувавме договори, игравме како што ни свират, бевме „тупкани“ по рамо и гордо гледавме кон светлата иднина каде со џиновски скокови не клоцаа истиот тој Заев, Ковачевски, Димитров, Ахмети, Груби, Османи и останатите апостоли на самопонижува…, се извинувам на самопрегорот и саможртвата за општото добро.

Ова новото друштво, велам, има и други небулозни идеи. Ајде да зборуваме со аргументи и факти, вели оној Мицкоски. Ајде да изнесеме на маса докази па да видиме кој е во право, ние или Бугарите. Дури, ликот се обиде иронично да спомене дека Преспанскиот договор е брилијантно ремек дело на меѓународната заедница кое може да се примени и на случајот со Бугарија, односно да ги внесеме Бугарите во уставот откако парламентот во Софија ќе го ратификува пристапниот договор за влез на Македонија во ЕУ. Сшто како што направија Грците за во НАТО. Охи, велат Радев, Борисов и останатите. Охи, велат и мудреците распоредени по медиуми и НВО-а во Скопје. Но човекот е упорен. Сака со аргументи и докази да разговара па тоа ти е. Се растрчал лево-десно, им кажува на Европејците и Американците дека е така фер и дека иако сме мали, сепак не сме до толку лузери па добороволно да се фрламе во дупка. Впрочем во истата онаа дупка од која со маки се уште излегуваме а каде со широка насмевка не фрлија оние од авионот. Се сеќавате нели, од авионот со кој летавме да започнеме преговари со ЕУ едно десет пати. А не стигнавме никогаш. Ех…

Можеме да наборјуваме и други промашени идеи на новото државно раководство. Парите во буџетот морало да се собираат навремено, точно и без попуштање. Криминалците мора да одговараат за своите недела. Без разлика од каде се, со кого се познаваат, за кого гласале на избори и слично. Умреното здравство мора да се реанимира. ( Па нели е мртво, хе хе). Образованието да се приближи макар кон стандардите кои ги имавме некогаш. Мора да има нови инвестиции. И странски и домашни. Тука дежурните душегрижници интервенираат со: Да, да, ќе им давате пари на „ваши“ фирми и ќе поткупувате странци да ја ограбуваат мајчица Македонија. Него како!

Па не знам, Мицкоски одбивал уцени од помалите партнери во власта. Николоски разработувал проекти за стратешко поврзување по коридорите Исток-Запад и Свер-Југ, ќе враќал во игра брза пруга, нови авио-линии, некои такви глупости. Тимчо, со наши пари еј, шпарта по европските метрополи и нуди нова дипломатска парадигма. И така натаму и така натаму. Просто кажано, направија триста проблеми. Се залетаа и сега се речиси готови. Толку им е. Затоа СДСМ не треба да мрдне ниту со прст, ниту пак да поработи нешто. Може по некоја пресконференција еднаш месечно, изјавичка тук-там, одвреме навреме бапни интерпелација за премиерот или министрите и ете. Мицко и компанија, гледаш ли, сами ќе се заглават а потоа Венко и неговите за дали десетина години просто ќе прошетаат од Бихаќка до Илинденска и ќе си ја вратат власта која и инаку природно им припаѓа. Ќе биде. Филипче издржи!