Мицкоски: Измина една цела година на предизвици и на тешка, посветена и макотрпна работа

Премиерот Христијан Мицкоски за изминатата една година од формирањето на Владата вели дека била година на предизвици, како и на тешка и макотрпна работа.



-Во секој еден ден од овие изминати 365 дена, не заборавив во ниту еден момент од каде доаѓам, и со каква чест располагам, и каква одговорост имам да не ги разочарам македонските граѓани, напиша Мицкоски.

Тој додаде дека уште потешко било да се отпочне заради наследената состојба

-Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, време кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме.

Земја на просперитет, ред, развој, почит, човечност, вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе.

1 година од новиот почеток,
1 година градење темели,
1 година за тебе!

Ова е година во која ги градиме темелите на промените! За твоето и вашето време кое доаѓа, порача Мицкоски.