„Вие, пратениците изгласавте недоверба на членовите на Судскиот совет. Но, и покрај тоа што ја добија недовербата од страна на тие, кои што гласале за нив, продолжуваат и натаму да бидат дел од Судскиот совет и да земаат илјадници евра месечна плата, иако имаат помалку од 2 проценти доверба кај граѓаните и никому ништо. Тоа доволно ви кажува за каков профил на личности станува збор. Зарем очекувате од нив да донесат поинаква одлука, посебно за случајот за младата Теодора, која е прегазена на пешачки премин?“ – нагласи премиерот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.
Мицкоски упати остри реакции и за Советот на јавни обвинители. „Но, не е само тоа. Во случајот има и една друга институција, Советот на јавни обвинители, таму има, замислете, еден виш јавен обвинител, кој што бара да се намали првостепената пресуда. Затоа што овој случај има прв дел од пресуда од 3 и пол години, се жали обвинителот на ниска казна, неговиот надреден, кој што е во Вишото обвинителство, ја прифаќа одлуката, односно прифаќа таа да биде помала од 2 години.“ – рече Мицкоски.
„Зарем вие очекувате од овие луѓе нешто повеќе? Јас не. Образ ѓон.“ – посочи претседателот на македонската влада Мицкоски.
„Но, ако некој мисли дека ние имаме кратко помнење, се лаже. Така едноставно нема да поминуваат некои работи. Правдата мора да биде неприкосновена и да ја добијат сите.“ – беше категоричен Мицкоски.
Во однос на реформите тој истакна дека се во завршна фаза и оти очекува до крајот на јуни да бидат донесени. Но, како што напомна Мицкоски, тој лично има дилема дека нешто од тоа ќе функционира со вакви судии и обвинители. „Се работи на тие реформи, во завршна фаза се. Тие се дел од реформската агенда и има јасен датум дека треба да бидат донесени до 30 јуни 2025 година. Но, искрен да бидам: лично мислам и имам дилема дека нешто од тоа ќе функционира со овие вакви судии и обвинители, кои се бирани на овој начин како што се бирани. Не сите, туку мала група, но таа мала група го контаминира она поголемо ткиво, кое заслужува да биде и судија и обвинител.“ – појасни премиерот Мицкоски.
Макфакс






