Никола Митревски е херојот на Еурофарм Пелистер во исклучително тешко изборениот триумф над Динамо Букурешт од 25:24 во Битола за задржување на шансите за пласман во осминафиналето на ракометната Лига на шампионите.



Голманот на македонскиот првак и на македонската репрезентација запиша 15 одбрани, од кои два седмерца, но и со две „живи“ топки фатени во двата последни напада на гостите од Романија е најзаслужниот за третата победа на битолчани, со која се израмнија со Висла Плоцк, директниот ривал за место меѓу 16. најдобри тима во Европа.

Две кола до крајот на групата А пелистерци имаат 8 бода, колку и полскиот шампион, кој по сензацијата против Пари Сен Жермен во Париз го изненади и Фуксе Берлин со 32:27 и остана пред „зелено-белите“ поради подобриот биланс во меѓусебните дуели.

Домаќинот, кој двапати имаше плус три (7:4 и 9:6), навреме се созеде од црниот период од 14 минути со само еден постигнат гол на крајот од првото полувреме и почетокот на второто и со три врзани погодока си го врати водството (16:15), кое на крилјата на Митревски го зачува до крајот.

Словенецот Домен Тајник со 6 гола од 8 обиди беше прв стрелец во победничкиот тим, пред Србинот Богдан Радивоевиќ со 5/7 и капитенот Филип Кузмановски со 5/13.

Следниот четврток Еурофарм Пелистер гостува во Берлин, а Висла во Букурешт.