„Мислителот“ Малески и „националистичкиот хор“, кој „беспамет“ „навива МА -КЕ-ДО-НИ-ЈА, МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА!“

„Сите оние, кои се обиделе да им се спротистават на своите национализми, постојано се  прашувани на чија страна се, за кого ‘навиваат’? Но, дали можете да барате од мене, од научник и играч во првата македонска репрезентација во меѓународната политика, да ‘навива’, или да ја зборува вистината? Не може баш сите да ‘навиваат’само МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, туку некој мора и да мисли!“ – вели Денко Малевски, професор по политички науки и прв македонски министер за надворешни работи, во колумната со наслов „Навивам за ‘Бијело дугме“, која ја објави информативниот портал „Либертас“. Во ова писание Малески се прогласува себеси како „мислител“ и „играч во првата македонска репрезентација на теренот на меѓународната политика“ наспроти „оние кои само ‘навиваат’ МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА!“ Во заобиколувачка форма за себе „мислителот“ Малески вели дека има „слична судбина како оние, „кои не му се придружија на националистичкиот навивачки хор за уривање на Југославија, туку се залагаа за нејзино промислено преобразување во сојуз на суверени држави, како и за отклонување на злото, што беше во коренот на сите југословенски судири: мајоризацијата на побројната етничка група врз помалубројната“. Но, сака ли „мислителот“ Малески да каже дека тој  е „оној што мора да мисли, бидејќи другите, „македонскиот националистички хор“, не ги бива да мислат, туку само беспамет „да навиваат МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА!“?!



Во својата колумна Малески пишува: Мојот соработник во Министерството за надворешни работи од првите години на независноста, амбасадорот Ристо Никовски, пред некое време објави текст насловен „За кого навива Малески?“. Одговарам затоа што во прашањето препознавам став, кој ме следи од првите денови на независноста: дека сум „навивал“ за Албанците, Грците, за Бугарите, за Американците, но не и за Македонците.

Ова глупаво тврдење нема никаква логика, а сепак толку лесно минува кај национално егзалтираната јавност, на која секогаш сум настојувал вистинито да ѝ ги објаснам домашните и меѓународните политички процеси. Можно ли е да барате од човек од науката, во мојот случај науката за меѓународната политика, да „навива“? Или од него се очекува да ја зборува вистината.

Зашто, не може баш сите да „навиваат“само МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА! Некој мора и да мисли!

Но, зарем не е судбина на сите оние, кои се обиделе да се спротистават на своите национализми, постојано да бидат прашувани на чија страна се, за кого „навиваат“? Слична е судбината на сите оние кои во Југославија не му се придружија на националистичкиот навивачки хор за уривање на Југославија, туку се залагаа за нејзино промислено преобразување во сојуз на суверени држави. И за отклонување на злото, кое беше во коренот на сите југословенски судири: мајоризацијата на побројната етничка група врз помалубројната.

За кого навивам? Па јас сум играч во првата македонска репрезентација на теренот на меѓународната политика. За кого може да навивам? Само што, во меѓународната политика таквото прашање некогаш станува бесмислено. Како да ме прашате: За кого би навивал во случај на нуклеарна војна меѓу Америка и Русија?