Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски вели дека уставните судии се изложени на закани и на политички притисок и оти крајно време е политичарите да ги тргнат рацете од судството, оти инаку нема да биде добро.
„ Мислев да се пожалам до ЕУ за притисокот кој се врши врз Уставниот суд подолг временски период. Уставните судии се изложени на закани, па дури и на политички притисок. Како вам ви звучи кога некој ќе каже дека Уставниот суд сака дестабилзиација“, рече Костадиновски во интервју за ТВ 21..
Костадиновски не се согласува со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во средата ништо не се случило.
„ Не е точно дека ништо не се случи.
Уставниот суд донесе одлука која значи продолжување на постапката. Значи, ние ја продолжуваме постапката. Таа е почната и таа постапка ќе биде окончана. Подготвителните седници се многу важна алатка во работата на Уставниот суд, особено за предмети кои се комплицирани и исклучително комплексни и чии последици од евентуалните одлуки можат да имаат импликации – вели Костадиновски.
Коментирајќи ја изјавата на премиерот Мицкоски дека овие уставни судии се бирани од минатата власт, рече дека е непримерна.
„Судиите ги бира Собранието, еден, друг, трет состав, но, тоа не значи дека може да влијае врз судиите. Имаат интегритет, дигнитет и никој не може да влијае врз нив“, рече Костадиновски.
За барањето на ДУИ за негова оставка, откако претставници на ДУИ и на Европскиот фронт формираа т.н. „стража на јазикот“, Костадиновски кажа дека нема да ги коментира партиите.
„Апсолутно не чувствувам никаква одговорност и не сакам воопшто да ги коментирам изјавите на претставници на политичките партии.
Но, како претседател на Уставен суд, сум должен да реагирам во случај кога партиите ќе покажат исклучително ниска политичка култура, затоа што јас имам должност да го штитам интегритетот на Судот и функцијата што ја вршам“, изјави тој.
Оцени дека ДУИ искажале многу лаги пред седницата на Уставниот суд, дека се креирала лажна атмосфера, и дека тој не може да се натпреварува со политичарите да ги демантира нивните изјави.






