Бојан Миовски ја покажа својата напаѓачка класа уште во почетокот од полуфиналниот дуел со гигантот Селтик во фудбалскиот Куп на Шкотска, кога му донесе водство на Абердин само по 1:55 минути игра на „Хемпден парк“ во Глазгов, за огромна радост на осумилјадната армија навивачи на „донси“.
Репрезентативецот на Македонија во голем стил го матира голманот Џо Хартс, крунисувајќи го извонредното додавање од Лејтон Кларксон со гол, негов вкупно 24. на 48. натпревар сезонава, четврти во шкотскиот национален куп.
Со името на Миовски е поврзана и спорната ситуација во која тој бараше пенал кога го погоди во рака Лиам Скејлс, но не беше досудена најстрога казна.
Штета за аутсајдерот што 24-годишниот штипјанец во 100. минута беше заменет поради повреда, бидејќи отсуството на задолжениот за удари од белата точка во Абердин се почувствува во пенал-рулетот, кој Селтик го доби со 6:5, откако лудиот меч по 120 минути игра заврши нерешено 3:3, а во основниот дел беше 2:2.
Раното водство на „црвените“ преку Миовски го анулира Николас Герит Кун во 21. минута, а пресврт донесе Џејмс Форест во 63. минута, а продолженија донесе Естер Соклер во 90. минута. Метју О’Рајли повторно им донесе предност на „зелено-белите“ во судиското надополнување на времето во првото продолжение, а во претпоследната минута од второто средбата ја одведе кон изведување пенали Ангус Мекдоналд.






