Ова го изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација во синоќешното гостување на Топ тема на ТВ Телма.
За препораката – во пензија на 67 години – дадена од Фискалниот совет Минчев рече дека во тој Совет членуваат луѓе со навистина големо експертско искуство и, секако, тие препораки треба добро да се анализираат и да се почитуваат нивните ставови.
Но, според една мини анализа, како влада сметаме дека е прерано да се оди со зголемување на возрасната граница за пензионирање, рече министерот.
„Тој став беше денеска кажан од премиерот. Значи во овој момент останува законското решение кое е на сила, односно 64 години за мажите и 62 години за жените“, рече Минчев.
За одење кон еден така крупен чекор, тој смета дека е потребна малку поголема анализа.
„Мислам дека треба да се отвори јавна расправа во која што ќе бидат вклучени низа на релевантни фактори за да дојдеме до тоа решение. Затоа што мора точно да знаеме што се добива, а што се губи со евентуална таква измена во такво законското решение“, истакна министерот.






