Министерот за информатичко општество Стефан Андоновски денеска наутро го ,,најде” исчезнатиот центар за услуги во населбата Аеродром каде што се вадат изводи на родени и други документи се за кој лидерот на Левица Димитар Апасиев тврди дека не постои.
Лидерот на Левица тврдеше дека отишол да го бара центарот за да извади број од матична книга на родени но воопшто немало таков центар.
,,Бидејќи еден пратеник од изборна единица 1, вчера не успеал да се снајде во општина Аеродром и, намерно или ненамерно, не го нашол нашиот Центар за услуги, денес го посетив да проверам случајно да не “испарил”. Но, тука е и Центарот на Министерството за дигитална трансформација и услужливите вработени.
Брзо извадив електронски извод од книгата на родени, па вработените го испечатија за да можам да го користам било каде. Тука се достапни и услуги од МВР, АВРМ, ПИОМ…

Не е сѐ совршено, но тука сме и работиме”, вели министерот Андоновски кој во прилог објавува мапа до локацијата, за “добронамерниот пратеник да може да се снајде во општината за која кажува дека ја претставува во Собранието”.

Апасиев вчера објави дека центарот за услуги не постои што значи дека или лаже или отишол на погрешна адреса или центарот е отворен во текот на ноќта.
,,Требаше да вадам матичен број за малата. Имав прочитано дека уште лани летото ќе се отвора канцеларија за Матично у Аеродром. Гуглам и ја наоѓам адресата на сајтот на Министерство за дигитална трансформација (булевар “Јане Сандански” бр. 109-А). Регуларно си стои на веб-страната. Идам на лице место. Нема буквално НИШТО!!! 🤔
Ај, ќерата… Си викам, абе мора да има. Премиерот и министерот беа на отворање. Ваљда не се луди до толку. Е до толку се! 🤯
Нема НИШТО. Не функционира, нема канцеларија. Се распрашувам околу по луѓето, викаат “нема такво нешто тука”!?
Оттука, идам у главното Матично у стара Комерцијална, да пријавам новороденче… И по пат си мислам – Боже, КОЛКУ СЕ ЛУДИ ВМРОИДИВЕ!? Да лажеш народ така безочно и да живееш во паралелен свет во кој ни самиот не веруваш. Сигурно им е многу заебано у мозокот”, објави Апасиев.






