Министерството за финансии бара одземање на лиценци на две друштва кои организираат игри на среќа

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска информираше дека е иницирана постапка за одземање на лиценца за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадената лиценца за приредување игри на среќа.



„Министерството за финансии ја иницираше постапката откако од УЈП како надзорен орган на приредувањето на игри на среќа го доби записникот од извршената надворешна контрола над работењето на овие друштва“, рече Кочоска.

Нагласи дека првичното барање од Министерството за финансии за добивање на записникот до УЈП е доставено уште во јули 2023 година по што се направени неколку ургенции, а конечно е постапено од страна на Управата дури во јуни 2024 година, откако доаѓа новото раководство.

Во одговор на новинарско прашање рече дека не може да се направи точна проценка за штетата врз Буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ. Дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери. Едното, како што кажа, не е од Скопје.