Министерството за образование и СОНК потпишаа нова спогодба за раст на платите, пренесува ТВ Сител. Најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта изнесува 22.745 денари, пишувало во документот. Дел од просветните работници незадоволни, велат ова е бруто износ, што Нето би изнесувало 15.250 денари.
Според министерката за образование ова е шпекулација. Спогодбата за покачување на плата била потпишана уште лани кога со СОНК било договорено дека континуирано во следните четири години ќе има зголемување на процентот на платата на сите вработени во училиштата.„Оваа година идентичната спогодба ја потпишавме повторно за да може да се исплати мартовската плата во април со покачени 7%. Точно е дека одредена група вработени во училиштата имаат коефициент на минимална плата, ама тие никогаш, ни лани, преклани, не добивале 15 илјади денари плата. И во изминатите години тие добивале минимална плата и се однесува на општ работник, садомијачка, значи навистина на најнискиот коефициент на сложеност на работа и оваа година тие ќе си ја добијат загарантираната минимална плата, што значи ќе има разлика од претходната до оваа, ќе си го добијат тоа покачување. Сите останати ќе си добијат според коефициент на сложеност на работа како и секоја година“ – вели министерката за образование во изјава за телевизијата.
На иста линија е и првиот човек на СОНК. Неделков тврди дека со новата спогодба само продолжува трендот на раст на платите.
„Се шпекулира дека се оштетени просветните работници, што апсолутно не е точно. Еден наставник со зголемување од 7 проценти ќе добие некаде околу 2 ипол илјади денари, на сметка на вработените во јавниот сектор, каде што таму се оштетени линеарно им се зголемува платата за 1.800 денари. Ова се дефинитивно смислени шпекулации да се поттикнува членството на незадоволство во однос на спогодбите и работењето на СОНК се со цел отчленување и прелевање во друг синдикат“ – Јаким Неделков, претседател на СОНК
МОН и СОНК лани договорија постојан раст на платите за 4 години за вкупно 46%. Освен сегашното зголемување од 7%, догодина и во 2027 договорот е зголемувањето да се вижи помеѓу 7,5% и 10%, за истиот период во 2028 година процентот на раст да достигне од 10 до 12,5%.
Извор : https://sitel.com.mk/ministerstvoto-za-obrazovanie-i-sonk-potpishaa-nova-spogodba-za-rast-na-platite





