Министерот Арбен Таравари и вицепремиерот Арбен Фетаи на средба со претседателот на Албанија Бегај

„Делегација на Алијансата за Албанците, предводена од претседателот Арбен Таравари, кој ја извршува и функцијата министер за здравство, како и од вицепремиерот Арбен Фетаи, кој е и секретар за надворешни односи во АА, престојуваше во Албанија. Во текот на оваа посета делегацијата имаше средба со Бајрам Бегај, претседателот на Албанија.“ – објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Весникот ја пренесува објавата на Арбен Фетаи на неговиот фејсбук-профил во врска со оваа средба: „На 20 ноември 2024 година делегација на Алијансата за Албанците се сретна со претседателот на Албанија во братска и кооперативна атмосфера. Му беа искажани честитка на Бегај за отворањето на преговорите за членство на Албанија во ЕУ и желба нашите патишта час поскоро да се обединат во овој процес, животно важен за нашите земји и народи. На средбата со претседателот на Албанија Бегај се разговараше за важноста на зголемувањето на двостраната и регионалната соработка, особено во областите од заеднички интерес. Во средиштето на вниманието беа инфраструктурата и најбрзото можно затворање на Коридорот 8, како важен чекор кон заедничката безбедност, стабилниот развој и европската интеграција.“