Министерката за финансии изрази жалење за настапот од Собрание кој беше протолкуван како омаловажување на Петровска

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и повтори дека изразува жалење за целиот контекст при настапот од собраниската говорница кој беше протолкуван како омаловажување на пратеничката Славјанка Петровска.



  • Во однос на ова прашање и вчера бев многу јасна, но еве денеска да го заокружиме и јас очекувам со ова за мене да биде затворено. Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема која ја создаваат за дефокус – рече Димитриеска Кочоска.

Таа рече дека немала никогаш намера да навреди никого, туку напротив.

  • И таа самата го знае тоа, ама вака сега ѝ чини да изигрува жртва – рече Димитриеска Кочоска.

Според неа, опозицијата решила од ова да прави тема откако се искоординирале, бидејќи додека дискутирале во Собранието реакции немало.

  • Им требаше време да се реорганизираат, да размислат, да видат и да дефокусираат. Но, секако повторувам, ниедна туѓа навреда кон мене нема да ме вовлече да навредувам и да возвраќам со навреди. Ова се ќе помине и за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме на луѓето, колку што можеме – рече Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека за неа оваа тема е веќе затворена и отсега ќе се фокусира на нејзината работа. Димитриеска Кочоска, како што рече, не исклучува да продолжат со напади кон неа, но тоа е и дел од работата која има чест да ја води.

  • Да служам на мојот на народ и државата – рече министерката, и додаде дека и таа била предмет на лажни изјави, соопштенија по социјалните медиуми веќе со месеци, но во ниту еден момент не се пожалила.