Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде проширена со во моментов 7 политички партии, кои до вчера биле во коалиција на СДСМ изјави за ТВ Сител Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„За два – три дена очекуваме одлука од уште една политичка партија. Значи би биле вкупно осум политички партии“, рече тој.
Милошоски додаде дека тоа е сигнал дека коалицијата на СДС веќе не е привлечна.
„И сите овие помали политички партии кои што доаѓаат, доаѓаат со една заедничка би рекол реченица – разочараност од Владата затоа што сметаа дека државата ја водат во погрешна насока“, појасни Милошоски.
Тој посочи дека тие партии се Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија, ТМРО, Достоинство.
„Во овој концепт кој што гледаме е дека прво постои интерес и нас ни годи тоа што постои интерес за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, сепак тоа дава сигнал дека овие партии препознаваат на каде се движи политичката тенденција во државата. А, второ заедничкиот именител со овие партии е дека да имало грешки од наша или од нивна страна во минатото, но дека сега е дојдено време за обединување. Обединување за интересот на Македонија“, порача Милошоски.
Тој рече дека е време Македонија да биде една подобра држава во која што и демократијата и економијата, и владеењето на правото, и образованието, здравството ќе бидат на еден подобар и повисок стандард. Тој додаде дека листите се веќе усогласени, а за ден-два ќе бидат финализирани со новите коалициони партнери.






