Милановиќ: НАТО влегува во војната во Украина

Војната во Украина од самиот почеток зеде катастрофален пресврт, „за што сите сме одговорни“, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во вторникот во Тиват, Црна Гора и повтори дека НАТО влегува во војната во Украина со својата нова мисија.



„Од првиот ден војната се разви во насока која е непожелна и катастрофална за Украина. Половина милион луѓе се убиени или ранети, а што сега? Дали ќе бидат убиени или осакатени уште 50.000 луѓе? Дали тоа ќе задоволи нечиј апетит – било да е Вашингтон или Москва – дали е тоа доволно?“ праша Милановиќ, мислејќи на последната мисија на НАТО, безбедносна помош и обука за Украина, која претходно ја опиша како влез на НАТО во војната.

„Сите ние, вклучително и јас, ја доведовме Украина во оваа катастрофална ситуација. Земјата е уништена и тоа мора да престане што поскоро“, нагласи Милановиќ на заедничката прес-конференција по самитот Брдо-Бриони Процес.

Тој ги повика „оние кои сакаат војна“ да ги испратат своите деца да се борат. Тој повика конфликтот да се реши по дипломатски пат и предупреди дека „нема да заврши добро за оние кои го водеа на западната страна“.

Милановиќ нагласи дека „сега“, повеќе од две години по руската инвазија на Украина, „некој одлучил“ да го вклучи НАТО во конфликтот.

„Мисијата НСАТУ е онаа преку која НАТО се вовлекува во војна. Оперативното планирање за воени потреби во реално време значи влегување во конфликтот“, нагласи тој.

Мисијата NSATU беше одлучена на Самитот во Вашингтон во јули оваа година. Мисијата ќе се состои од околу 700 лица од земјите-членки на НАТО и партнерските земји, а целата операција ќе биде координирана од Визбаден.