Меџити: Уставниот суд да не донесува политички одлуки, кои влијаат врз албанскиот јазик, здобиените права на Албанците и соживотот!

„Постојат неколку иницијативи за оспорување на законот за употреба на јазиците пред Уставниот суд. Како прв вицепремиер чувствувам обврска да повторам дека иако Уставниот суд има обврска да ја оценува уставноста на законите и другите акти и да гарантира спроведување на Уставот, тој нема мандат ниту да се впушта во расправи, а уште помалку во политичко одлучување, особено кога се во прашање законите и другите правни акти.“ – изјави вицепремиерот Изет Меџити на денешната научна конференција „Јазикот и етникумот“ во Скопје во организација на Агенцијата за примена на јазиците. Министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани на оваа конференција посочи: „Наш аманет е следните генерации да ги наследат крвта и гените на нашата албанска нација.“ Ова го објави весникот на албански јазик „Коха“.



Натаму весникот пишува: Меџити посочи дека „во едно повеќејазично општество јазичните политики се одлучувачки за неговата функционалност“, дополнувајќи: „Затоа иницијативите како оние на Уставниот суд за оспорување на Законот за употреба на јазиците се неприфатливи.“ Реагирајќи на иницијативите на Уставниот суд за разгледување на укинувањето на некои законски одредби за употреба на албанскиот јазик, Меџити нагласи: „Улога на овој суд е да ја оценува уставноста на законите и спроведувањето на Уставот, а не да донесува одлуки со политичка природа.“

Според него, „неприфатливо е да се влијае врз здобиените права, особено на оние, кои ги гарантираат повеќеетничкиот соживот и духот на соживотот во * Македонија“. Меџити истакна дека „во напредните демократии правата само се унапредуваат и не се негираат“. „Во ниедна земја во светот не се случува да се загрозуваат, или да се поништуваат здобиените права, бидејќи квалитетот на вистинските демократии е правата да се унапредуваат постојано, а не да се скратуваат, да се загрозуваат, или да се негираат.“ – рече Меџити.

Министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани изнесе дека е „должност на сите одбраната на албанскиот јазик“. Во својата реч на оваа конференција тој кажа дека „за Албанците албанскиот јазик има посебно значење и вредност“ и оти „јазикот имаше улога во зачувувањето на албанската националност“. „Наша должност е да ја чуваме и негуваме како најскапоцена вредност и да ја оставиме како аманет на следните генерации да ги наследат крвта и гените на нашата нација. Покрај одржувањето на чистотата, мораме да го промовираме и развојот на јазикот во согласност со времето во кое живееме, правејќи го помоќно средство за знаење и комуникација.“ – кажа министерот Фатмир Лимани.

На оваа конференција „Јазикот и етничката припадност“  директорот на Агенцијата за примена на јазиците Гранит Османи посочи дека “албанскиот јазик е посебна вредност“ и „затоа јазичното планирање и институционалната грижа се повеќе од неопходни“. „Мораме да бидеме будни за да ја пренесуваме грижата за овие скапоцени вредности од генерација на генерација како важни национални столбови“. Инаку, конференцијата „Јазик и етничка припадност“ беше организирана во екот на активностите што се организираат во пресрет на ноемвриските празници на Албанците.