„Идејата за Албанската академија на науки и уметности е резултат на еволуцијата на нашето општество. Поради оваа причина, не треба да се гледа на неа како на закана. * Македонија ја има единствената можност да се организира како функционално мултикултурно општество и да ги претвори прашањата, кои нѐ делеа до вчера, во квалитети, кои ќе нѐ обединат во нашата европска иднина.“ – напиша на својот фејсбук-профил вицепремиерот и еден од лидерите на коалицијата Вреди Изет Меџити. Неговата објава ја пренесуваат ТВ 21 и други медиуми на албански јазик во Македонија.
Натаму во својата објава на општествената мрежа Меџити изнесува: Научно-истражувачката сфера не смее да биде заложник на оптоварувањата од минатото и на непријателствата, што го карактеризираат нашето поднебје со векови. Академиите на науки во развиените земји имаат како своја основна мисија научно истражување како придонес во развојот на човештвото. Академиите на науките во балканските земји наликуваат на бункери, изградени во 19 век, и сè уште се многу ригидни да ги заменат романтичните национални вредности со вредностите на новото време.
Единствениот аргумент против Албанската академија е тврдењето дека науката не признава етничка припадност и не може да биде под влијание на политиката. Тогаш каков беше научниот придонес и кои беа научните аргументи во Памфлетот на Македонската академија кога во 2001 година предложи поделба на Македонија?! Да не зборуваме за злогласните памфлети на Српската академија во 19 век, кои повикуваа на создавање чисти држави и организирано преселување на несрпското население од територијата на српската држава! Дали е тоа научниот дух, за кој денес зборуваат сите противници на нашата идеја?
Што се однесува до дилемите околу формата на организирање, начинот на финансирање, или поддршка, доволно е да се земе како пример финансирањето на Европската академија на науки и уметности. Меѓу другото, оваа Академија е дефинирана како непрофитна организација, што се финансира и од локалната самоуправа. За оние, кои ќе се спротивстават, потсетувам дека меѓу членовите на оваа Академија е и поранешниот претседател на нашата држава Ѓорѓе Иванов.
Значи Академијата не е закана, туку можност! Сè што треба да видиме во ова светло е демистификацијата и размислувањето надвор од рамките, кои нѐ прават заложници на минатото.





