Мејдани пак со „уставно-правни поуки“ за РМ околу правичната застапеност, но го „потсетува“ ли и Собранието „кои закони треба да донесе“?

Официјална Тирана ги следи со вознемиреност последните случувања во * Македонија. Тежината и важноста на зачувувањето и подобрувањето на правичната и соодветна застапеност паѓаат врз партиите, кои владеат со државата“ – нагласи албанскиот амбасадор во Република Македонија Денион Мејдани во најновата изјава за ТВ Клан Македонија, зборувајќи за сегашната политичка ситуација во Македонија. Во оваа изјава Мејдани нагласи дека „не ги коментира одлуката на Уставниот суд за отстранување на балансерот и најавите за бришење на некои одредби од законот за албанскиот јазик“. „Не ги коментираме одлуките на судовите, а камоли одлуката на уставен суд, а камоли на уставен суд на друга држава.“ – напомна тој. Но, дали албанскиот дипломат почувствува потреба да искаже ваков став на оградување, откако „Експрес“ вчера јавно праша: дали се обидува Мејдани да ѝ дели „поуки“ на Република Македонија и да ги коментира активностите и одлуката на нејзиниот Уставен суд околу укинувањето на балансерот, на начин кој претставува мешање во внатрешните работи на друга суверена држава, на Република Македонија?  Потсетуваме дека по завчерашната средба со македонскиот вицепремиер Изет Меџити албанскиот амбасадор Мејдани имаше изјавено: „Ние остануваме цврсти во нашата посветеност за спречување судири … и заштита на уставните права за секој граѓанин. Правичната застапеност станува клучот за градење сеопфатно мултиетничко општество… Ова е од суштинско значење за зачувување на мултиетничкиот карактер на земјата…“ –



Пренесувајќи ја натаму најновата изјава, која ја даде албанскиот амбасадор Мејдани, ТВ Клан Македонија пишува: „Со вознемиреност ги следиме последните случувања. Не ги коментираме одлуките на судовите, а камоли одлуката на уставен суд, а камоли на уставен суд на друга држава. Дури и жалам што видов дека се изнесени такви теми во јавност пред да се донесат споменатите одлуки, оти се создава непотребен притисок во одлучувањето.’ – посочи Мејдани.“

„Според него, ‘тежината и важноста за зачувувањето и подобрувањето на правичната и соодветна застапеност врз  партиите, кои владеат со државата’. Мејдани смета дека ‘прашањето за застапеноста требало да биде предвидено и да биде гарантирано со уставот‘. ‘Овие состојби мора да се решат. Требаше и во уставот да се предвидат амандмани за правична и соодветна застапеност и секако механизми, потребни за спроведување на тоа. Сега преостанува должноста на сите јавни институции да го почитуваат Уставот и да ги гарантираат сите предвидени права, вклучително и правото на правична и соодветна застапеност. Во меѓувреме, должност е на оваа легислатива да предвиди какви закони се потребни, заради натамошно подобрување во поглед на спроведувањето и гарантирањето на овие права во оваа земја.’ – изјави амбасадорот на Албанија Мејдани. Тој ги даде овие коментари по средбата, што ја одржа во Собранието со координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски на 9 октомври 2024 година.“ – пишува ТВ Клан Македонија.

И повторно: иако албанскиот амбасадор се оградува сега дека „не ги коментираат одлуките на уставниот суд во друга држава“, дали и оваа негова најнова изјава задржува ист призвук на делење „уставно-правни поуки“ за зачувување и спроведување на принципот на правичната и соодветна застапеност на Албанците во Македонија, сега надополнето и со „потсетување“ за „задачите кои ќе ги има и легислативата“, односно македонскиот парламент во врска со „законите за правата, што треба да се донесат“ во овој контекст?