Еден од фронтмените на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, оперскиот пејач Игор Дурловски, е меѓу 36 лица приведени утрово за настаните од 27 април.
„Игор Дурловски приведен со кривична пријава за сторени тешки дела против државата! Ќе спиете ли мирно сега со еден ‘терорист’ помалку?“, реагира преку „Фејсбук“ од својот профил Сони Петровски, уметнички директор на Македонска опера и балет кога Дурловски беше нејзин генерален директор.
Басот со светско реноме Дурловски си даде оставка од функцијата во мај, а само неколку дена по инцидентот во Собранието се повлече од организацијата на протестите, но порача дека и понатаму ќе ја дава својата поддршка.





