„Македонците имаат свој сон и сакаат да бидат единствени сопственици на државата Македонија, но свој сон си имаат и Албанците, кои сакаат да имаат своја ‘Албанија’ во Македонија!“ – истакнува писателот и публицист Ким Мехмети во својата колумна со наслов „Република Македонија ја бранат и ја сакаат само нејзините властодршци?!“. Во колумната, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, околу кинењето на знамето на Македонија и минувањето автомобил врз него Мехмети истакнува дека „во секоја земја има граѓани, кои не ги сакаат неа, ниту нејзините симболи“. Дали со овој став, всушност, Ким Мехмети го оправдува чинот на сквернавењето на државното знаме на Македонија, што се случи синоќа на улиците во Скопје? Или не?
Во споменатата колумна Мехмети пишува: На некои видео снимки, што синоќа ги објавија медиумите, може да се види како се кине знамето на * Македонија и како минува автомобил врз него. Во секоја земја има граѓани, кои не ги сакаат ниту неа, ниту нејзините симболи, но Македонија се издвојува од другите земји, затоа што се остава впечаток дека ја сакаат само политичките партии, но толку и само за тоа време додека се на власт.
Всушност, Македонија беше и остана суспендирана и да виси меѓу два сосема спротивни сна: едниот е сонот на Македонците, кои сакаат да бидат единствени сопственици на државата, и сонот на Албанците кои сакаат да имаат своја ‘Албанија’ во Македонија. Меѓу овие два сна останува вистината дека Македонија е рај за нејзините властодршци, кои ги решаваат сите меѓуетнички спорови преку распределување позиции и тендери.
Но, ваквото меѓуетничко „братство“ меѓу политичките елити воопшто не завлегува кај етникумите, што живеат во оваа држава и не произведува ништо повеќе од безнадежност кај младите, на кои државата им треба, само за да им даде пасош и да им овозможи да избегаат од овие простори.





