„Пред 75 години, на 4 септември 1944 година во близината на Пазарџик, во Бугарија, бугарската фашистичка војска и полиција водат борба со околу 240 партизани. Во борбата загинуваат дванаесет партизани, меѓу кои и Методија Шаторов-Шарло, командир на Третата востаничка оперативна зона на Народноослободителната востаничка армија на Бугарија. Во Македонија беше многу години етикетиран како контрареволуционер, саботер, националшовинист и предавник на македонскиот народ. Но, архивските документи потврдуваат дека Шарло застанал на чело на Покраинскиот комитет на македонската комунистичка организација во април 1940 година, со одобрение и согласност на Коминтерната и со одлука на Тито и ЦК на КПЈ. Во текот на целата своја револуционерна дејност ја застапувал идејата за посебноста на македонската нација, различна од другите национални субјективитети на Балканот.“ – напиша писателот и публицист Блаже Миневски во својата истражувачко-историографска статија со наслов „Тито не ја третирал Македонија како поделена земја!“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“ на 16 септември 2019 година. По повод 80-тата годишнина од загинувањето на овој македонски комунист, револуционер и деец за создавањето на слободната и самостојна македонска држава, како и за самобитноста на македонскиот народ, пренесуваме клучни делови од оваа пообемна статија на Блаже Миневски.
Во неа Миневски натаму истакнува: Шарло бил идеен творец на Националната програма, што била донесена на 8 септември 1940 и која е единствена политичка програма на КП на Македонија до АСНОМ во 1944 година. Во својот обид Вардарска Македонија да ја претвори во јадро што ќе ги обедини Пиринска и Егејска Македонија постојано бил во судир со политичките субјекти во Комунистичката партија на Југославија и Бугарската работничка партија, но останал докрај доследен на својот идеал.
Кога Шарло бил политички секретар на ПК на КПЈ за Македонија, веднаш по германскиот напад врз Советскиот Сојуз, до македонскиот народ бил издаден повик за подготвување за оружена борба. На 28 јуни била формирана воена комисија при ПК на КПЈ за Македонија, на чело со Шарло, а воената комисија пристапила кон формирање диверзантски групи. Од нив на 22 август 1941 година бил формиран Скопскиот партизански одред, кој при крајот на август 1941 година ја извршил првата борбена акција. Претходно, во почетокот на мај 1941 година, во Загреб, ЦК на КПЈ свикува советување на кое, по извршената анализа за новонастанатата ситуација, се утврдува единствена линија на дејствување на КПЈ на територијата на Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, и заедничка борба на сите напредни и револуционерни сили во заеднички народноослободителен фронт. Методија Шаторов-Шарло не присуствувал на мајското советување во Загреб. Тој не се согласувал со насоките на ЦК на КПЈ, кои биле утврдени на мајското советување, бидејќи ги застапувал националниот став и македонската национална политичка програма.
„Во однос на мајското советување Шарло не се согласувал со констатацијата дека Македонија е поделена само меѓу Бугарија и Италија, затоа што во неа не биле содржани и другите претходно поробени делови, пиринскиот и егејскиот дел. Особено го надразнувало тоа што за Словенија се искажувал став за обединување на сите нејзини делови, окупирани уште од 1918 година, а Македонија воопшто и не се третирала како поделена земја. На 24 јули 1941 година Тито донел одлука за смена на Методија Шаторов-Шарло од должноста секретар на ПК на КПЈ и исклучување од редовите на КПЈ. Шаторов не ја прифаќа одлуката на ЦК КПЈ.“ – вели, покрај другото, д-р Соња Николова, која темелно ги има истражувано сите аспекти од животот и дејноста на првиот политички секретар на ПК КПЈ за Македонија, а и докторирала на тема „Методија Шаторов-Шарло во македонското национално ослободително движење“.
Како бил етикетиран Шарло како „предавник на македонскиот народ“?
На Шарло му била сторена неправда со наметнување етикети дека е саботер, опортунист и контрареволуционер, па дури и предавник на македонскиот народ. Во врска со ова д-р Николова укажува: „Концепцијата за единствен општојугословенски антифашистички фронт, како програмска определба на ЦК на КПЈ на чело со Тито, не соодветствувала со концепциската определба на Национално-револуционерната програма на Шарло, усвоена на 8 септември 1940 година, како и со Заклучокот содржан во Решението од јануари 1941 година за ’потполно ослободување и рамноправност на Македонија – дури до барање за отцепување во самостојна држава’. Идејниот творец на македонската национална програма, кој во секој документ, проглас, повик ќе ја застапува пред сѐ македонската национална линија, не бил дел од плановите на Тито. … Методија Шаторов-Шарло како македонски револуционер не се пронаоѓал во концептот за цврста и силна Југославија, која ја вклучувала само Вардарска Македонија во своите југословенски простори, но без Пиринска и Егејска Македонија.“
Следејќи ги новонастанатите военополитички моменти и согледувајќи ја шансата за решавање на националното прашање и, по можност, на статусот на Македонија во рамките на балканска федерација, Методија Шаторов во мај 1941 година ќе упати писмо до ЦК БРП(к), во кое ќе бара подетални насоки за онатамошно дејствување на македонската партиска организација. Имајќи ги предвид изменетите услови на Балканот, Шаторов бара одговор од ЦК БРП за најповолното решение за иднината на Македонија. Дали Македонија да остане во рамките на Југославија, со тоа што ќе ѝ се даде автономија внатре во една нова југословенска држава; дали да се отцепи и да се формира независна македонска држава, или да влезе во балканска федерација. Во врска со тоа Шарло отворено го поставува и прашањето: со која партија би требало да се поврзе македонското партиско комунистичко движење – со југословенското, или со бугарското? Притоа треба да се има предвид дека во моментот на назначувањето на Шарло на чело на македонската комунистичка партија БРП не размислувала премногу за самостојна и обединета Македонија, туку чекала шанса да ги оствари своите дамнешни желби за целосно влијание врз Македонија.
„По донесените одлуки од Коминтерната и ЦК на КПЈ, Шарло се обидел да се приклучи во Скопскиот партизански одред но бил присилен да го напушти. Потоа заминал во Бугарија да ја продолжи својата револуционерна дејност. Таму останал до судирот со бугарската војска и полиција, кога, под сѐ уште докрај неразјаснети околности, загинува на 4 септември 1944 година на Милеви Скали, на Родопите, како командант на III-та оперативна зона на бугарското антифашистичко движење. Гробот до денес му е во Пазарџик, а македонската држава никогаш не повела иницијатива за враќање на неговите мошти во Македонија.“ – нагласува д-р Соња Николова.
Кој е Методија Шаторов-Шарло?
Методија Шаторов-Шарло е роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп. Во 1918 година емигрира во Бугарија, каде што започнува неговата револуционерна активност. Од 1920 година е член на БКП. Во декември 1927 во Берлин е избран како член на ЦК на БКП и станува секретар на Софиската партиска организација. Во 1928 година е затворен од бугарскиот режим, но поради немање докази, по 11 месеци затворска тортура, е пуштен на слобода. Во февруари 1930 година се наоѓа во СССР и работи во Коминтерната, Претходно, уште од 1925 година, Шаторов се вклучува во работата на ВМРО(об), за која ќе истакне дека е единствена наследничка на Гоцевата ВМРО, почитувајќи ги и негувајќи ги илинденските традиции. Иако бил комунист по идеолошка определба, активен член на БКП, а подоцна активист на Коминтерната, национално-револуционерниот сегмент полека почнал да навлегува и да биде доминантен во неговите понатамошни дела и постапки. Во 1926 година е избран како член на Обласниот комитет на ВМРО(об) за Пиринска Македонија.
Дури во 2005 година Методија Шаторов Шарло беше рехабилитиран како македонски деец, кој се борел за создавање самостојна и национална држава на македонскиот народ.






