Труење со храна е причината за смртта на триесет и шестгодишната жена и нејзината четиригодишна ќерка во тетовското село Слатино, потврди првичниот обдукциски наод. Деветгодишниот син кој им благи симптоми на труење е во добра состојба а таткото најверојатно не ја консумирал затруената храна, објави Телма. Кој е изворот на токсините допрва ќе се утврдува а по наредба на обвинителството земени се мостри од секој вид и тип на храна што биле затекнати во семејната куќа. Според информациите на Телма, патолозите исклучиле дека станува збор за отровни печурки. Исто така земени се примероци од крв и урина од таткото и синот како и примероци од желудникот на починатите.
- „Првичните сознанија од наредената обдукција упатуваат на труење како веројатна причина за смрт на лицата, па од починатите се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи со цел да се утврди причината за труењето. Кај починатите не се пронајдени други траги на насилство“, соопштија од Јавното обвинителство.

Од Институтот за судска медицина го информирале тетовското обвинителство дека комплетните и конечни резултати од анализата на примероците и материјалот од починатите ќе бидат готови за неколку дена и тогаш се очекува да се прецизира изворот на труењето и начинот на кој отворите биле внесени во телото.
Во текот на утрешниот ден треба да биодат готови и резултатите од анализата на деветгодишниот син, кој вчера и завчера не се појави на училиште и останал дома, со што ќе се има појасна слика за тоа што се случувало во семенајата куќа во тетовското село Слатина. Според информациите на Телма, во куќата на семејството Шазивари имало храна во многу лоша состојба, со поминат рок и очигледни знаци на скапување. Тим од ИЈЗ земал примероци а анализата би требало да биде готова до крајот на неделата.
Мештаните во Слатино се децидни дека педесетгодишниот татко е невин и додаваат дека пред дваесетина години тој имал слична трагедија, сообраќајна незгода во која загинале неколку членови на неговото семејство а тој останал речиси парализиран и не може да се движи без помагала. Телата на починатите мајка и ќерка ќе бидат предадени на семејството и погребали на локалните гробишта во селото Слатино.





