Претседателот на Паневропска унија на Македонија, Марјан Ѓорчев, на меѓународната конференција „За Европа: комуницирање на европските интеграции меѓу членките на ЕУ и земјите на проширувањето“ во Подгорица ги искритикува двојните стандарди на Европска унија.
„Речиси никој не знае дека Република Македонија во делот на земјоделството и на прехранбената индустрија е полноправна членка на ЕУ. А како тоа може да важи само за земјоделството? Тоа се двојни стандарди на кои ние не смееме да подлегнеме. За нас е уште поголема опасност променливоста на ставовите“, истакна Ѓорчев.
Македонија, според него, има сè што треба да има една европска земја во однос на судските реформи, внатрешниот ред, граничната полиција и националните малцинства.
„Да речеме, Грција не ги почитува националните малцинства, но е дел од ЕУ. Тоа се двојни стандарди и така не може да се работи во ЕУ“, смета тој, додавајќи дека регионалната соработка меѓу земјите на Балканот не е привилегија, туку обврска.
„Иднината на полноправни членки на ЕУ е нашиот апсолутен минимум. Максимум не постои. Секоја наша идна генерација има право на човечка среќа, бидејќи само човековата среќа во овој роботизиран, бездушен глобален свет може да биде чувар на доброто и на солидарноста“, поентира Ѓорчев.





