Синдикатите одржаа јавна седница среде улица, со три точки на дневниот ред- да „не може да има за пратениците а да нема за работниците“, втората точка гласеше „подадената рака од работникот денес-може да стане стисната тупаница утре“,и третата точка беше упатена до Владата да „не може да се одлучува за работниците без работниците“.
„Го ставам дневниот ред на гласање кој е за, ви благодарам за усвоениот дневен ред“, рече првиот синдикалец, Трендафилов.
Пред Собранието, каде маршот продолжи синдикалците изгласаа одлука за намаување на луксузните пратенички плати на минималец се додека не се зголемат и работничките плати.

„Синдикатите едногласно ви донесоа одлука, да си ги намалите вашите луксузни пратенички плати на минимална плата, се додека не ги зголемите работничките плати. За крај имам лично прашање, Бране на работа е или не е?“, рече Трендафилов.
Маршот продолжи кон Стопанската комора од каде се побара од работодавците да ги зголемат минималните плати за да не бидат најголемите виновници за иселувањето на младите и работниците од Македонија.

Министерот за економија, пак, рече дека одлуката ја потпишал според Законот за минимална плата, а мислење од економско-социјалниот совет немало зашто синдикатите се уште немаат репрезентативност.
Од Владата апелираа до синдикатот да не ја злоупотребуваат ситуацијата во државата и обвинија дека протестот има партиска позадина. Во соопштението до медиумите наведуваат дека тие биле против кога се зголемувале платите на функционерите но синдикатот тогаш молчел, како што молчел цело време додека СДСМ биле на власт.





