Малку на север, а мислиш Арктик, МЗТ замрзна на -39

Македонскиот претставник во Јадранската лига загуби кај Црвена Звезда со 112-73 што е убедливо најтешкиот пораз на МЗТ Скопје и во ова, но и во неколкуте изданија наназад во регионалната кошаркарска конкуренција.
Сино-белите беа слаби од почетокот, но дното го допреа во третата четвртина која заврши со 33-8, што со 58-46 до полувремето, и плус 21-19 во последниот дел, чинат енормно висок пораз кој добива на тежина ако се знае дека кај Евролигашот не играа Рочести и нашиот Антиќ.
Единствена светла точка во МЗТ Скопје беше Бојан Трајковски со 30 поени и седум скокови.
Ова беше десетти пораз на нашиот тим во дуелите со Црвена Звезда, шести гостински во вкупно 11 средби и секако, најубедлив во овие пет и пол години од настапот во Јадранската лига.