„Ние, Македонците им наоѓавме маани и протестиравме, поради безбедносните решенија, кои не ни беа по волја (Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, ‘францускиот предлог’…), во голема мера зашто немаме свест за најважниот елемент на водење држава: безбедноста.“ – тврди професорот по политички науки и прв министер за надворешни работи на Република Македонија Денко Малески во својата колумна со наслов „Трамп чука на вратата на Македонија“, која ја објави весникот „Слободен печат“.
Покрај другото, Малески пишува: Какво отрезнување ќе ѝ донесат на Македонија промените, кои ќе се случат со веќе многу веројатната победа на Трамп на изборите за три месеци од сега? Нашите политичари и нашата јавност ќе станат свесни за вредноста на безбедноста. Со доаѓањето на Трамп како претседател на светската суперсила и далеку најмоќна држава во светот Америка, може да се смени политиката, која ни ја гарантираше безбедноста. Свртувајќи се кон главниот ривал Кина, Трамп би можел да го ослаби, или да го укине НАТО. Во отсуство на државата, која обезбедува повеќе од 80 проценти од воениот потенцијал, би згаснале сите светла во седиштето на НАТО во Брисел. Каков би бил нашиот континент во послеамериканската ера?
Од Втората светска војна наваму Европа, засолнета под американскиот безбедносен чадор, живееше во свет на благосостојба и демократија. Америка стоеше на стража со исукан меч во светот на војни наспроти заканите од СССР. Без американската доминација, со која беше решена европската безбедносна дилема за тоа што ми подготвува соседот, тој вечен извор на војни, помалите држави ќе се почувствуваат непријатно, гледајќи ги поголемите соседи како се вооружуваат. Повлекувањето на американската моќ од Балканот е рецепт за инстант-судири. Ете зошто на европските држави им одговара „вазалскиот статус“ кон Америка. Тој статус е решение за вечната безбедносна дилема, која со столетија наназад е извор на европските војни. Ете зошто европските политичари ќе ги вложат сите свои усилби да остане така независно од можната промена на претседателот.
За разлика од Бајден Трамп ветува мир за 24 часа. Но, решението на проблемот со прифаќање на распарчувањето суверена држава од страна на посилната ќе отвори безброј нови проблеми, кои ќе треба да се решаваат. Овие бранови во морето на светската политика не може, а да не ја заплиснат и Македонија. Можеби се ближи крајот на удобното владеење на македонските политичари, кои ќе мора да почнат да мислат за најважното: внатрешната и надворешната безбедност.
Додека во таквиот свет големите сили се во натпревар за моќ со цел да не дозволат ривалите да стекнат предност, малите држави бараат засолниште во сојузите. Имаше кој однадвор да се грижи за нашата безбедност. Ние, Македонците им наоѓавме маани и протестиравме за безбедносните решенија, кои не ни беа по волја (Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, „францускиот предлог…). Тој став во голема мерка се должи на отсуството на свеста за најважниот елемент на водење на држава: безбедноста. Лесно е владеењето, ако се е врзано за „инвестиции“, „култура“, „принципи“, а не мораш да мислиш за првичната задача на секоја држава: безбедноста.





