„Во име на професионализмот се загрозува застапеноста на Албанците во јавните институции.“ – изјави за ТВ Шења Мерсим Максути, професор по уставно право во државниот Универзитет во Тетово, кој е и еден од членовите на работната група за законот за правично и соодветно застапување.
Телевизијата ги пренесува нагласките од неговите искажувања: Максути вели дека правичното и соодветно застапување е една од најважните вредности на уставниот поредок,. „Дури, тоа е и една од главните вредности на градењето на оваа држава, која ја поврзува соживотот.“ – нагласува тој.
Според овој член на работната група за законот за правично и соодветно застапување, „застапувањето на граѓаните врз основа на нивната етничка припадност е нивно колективно право“. „Прекршувате право на одреден колектив, а професионализмот е второстепен во овој случај. Со професионализам можете да прекршите право на граѓанинот како поединец и кога овие права се судираат, како член на колектив и како поединец, по правило колективното право преовладува, доминира и затоа го гледам тоа како опасност.“ – посочува Мерсим Максути.
Тој вели дека „неодамнешните случаи поврзани со овие конкурси, каде што бројот на вработени Албанци е симболичен или нула, е доказ дека во име на професионализмот се загрозува застапеноста на Албанците во јавните институции“. „Една од главните забелешки за овој Закон е непостоењето на елементот на казнување.“ – истакнува Максути.
„Главната забелешка, што се издвојува, е дека му недостасува компонентата, елементот на казнување, односно тоа што не обезбедува правна заштита, па затоа со закон не е предвидена никаква казна. Казните се од прекршочен карактер, со што би се казнувале сите јавни службеници, лица кои се надлежни да го спроведуваат законот, за да имаат некаква обврска пред законот да го спроведуваат законот во пракса. Ова е мојата клучна забелешка за споменатиот закон.“ – наведува Мерсим Максути.
Инаку, законот за правична и соодветна застапеност беше усвоен на владина седница. Се очекува да биде испратен до Венецијанската комисија на разгледување, а потоа ќе биде вратен тука каде што ќе има јавна дебата и се очекува да се види дали ќе биде усвоен и во Собранието. – објави ТВ Шења.







