Македонскиот алпски скијач Антонио Ристевски идентично како и во велеслаломот утринава промаши капија на средина од патеката и не ја заврши првата слаломска трка на Зимските Олимписки Игри во Пјонгчанг. Антонио форсираше, ризикуваше и беше казнет на исклучително тешката и елиминаторно поставена трка, за што говори податокот дека само 43 од 106 скијачи имаа пласман на крајот. Меѓу 63. испаднати беа и големите фаворити Хиршер и Кристоферсон, па среќата му се насмевна на Андре Мирер. Швеѓанецот заврши пред претставниците на велесилите Швајцарија и Австрија, Рамон Зенхаусер и Михаел Мат.




