„Македонски“ Њукасл џетс и Кантаровски блескаат во Австралија (ВИДЕО)

Триото Македонци во австралискиот фудбалски прволигаш Њукасл џетс славеа и денеска, и тоа со 4:0 на домашен терен против Вестерн Сиднеј вондерерс, со што се зацврстија на второто место на табелата.



Стрелец на третиот гол беше Бенџамин Бен Кантаровски, кому ова му е трет погодок сезонава (голот е по 2:21 минути од почетокот на видеото).

https://youtu.be/2ky1gKs_MTE

Кога во 2008 година потпиша четиригодишен договор со Њукасл џетс на 15-годишна возраст, играчот за врска го урна рекордот на елитната А-лига. Кога дебитира во сезоната 2008/2009 против Синтрал коуст маринерс со 16 години и 208 дена стана најмладиот што некогаш заиграл во лигата. Има настапи за младинските селекции на Австралија, а пред три години го одби повикот на тогашниот македонски селектор Бошко Ѓуроски да игра за Македонија со објаснувањето дека е горд на своето македонско потекло, но фокусот му е на земјата на своето раѓање.

Другите двајца негови сонародници и соиграчи се голманот Иван Нечевски и десниот бек Даниел Георгиевски, и тие родени во Австралија. Георгиевски има 22 меча во дресот на македонската репрезентација, а во летниот преоден рок дојде од Мелбурн виктори, против кој го постигна единствениот гол сезонава во домашниот триумф од 4:1.

Њукасл џетс има 26 бода од 12 одиграни средби, два бода помалку од водечкиот Сиднеј, кој има и натпревар помалку.