Денешниот митинг во Атина имаше увертира вчера во германскиот град Франкфурт, каде што на две различни локации демонстрираа македонски и грчки иселеници.
Први „истрчаа“ околу 200 Македонци што живеат во Германија, кои на „Гете плац“ протестираа против собирот на Грците. Тие го привлекоа вниманието кон себе со знамиња, музика и митинг.
Попладнето, пак, околу 600 Грци што живеат во Германија демонстрираа против зборот „Македонија“ во името на северниот сосед на Грција. Демонстрантите се собраа на плоштадот „Опера“, а потоа се упатија кон генералниот конзулат на Грција во „Цепелинале“, каде што и заврши протестот.
И двата настана беа мирни. Двата табора се согласија дека се спротивставуваат на продолжување на преговорите за името меѓу Грција и Македонија.
Во центарот на Франкфурт вчера протестираа и 700 луѓе со барање да се стави крај на турската воена операција во северна Сирија и против поддршката на операцијата од страна на германската федерална влада. Многу полициски службеници беа на должност за да спречат можен судир меѓу демонстрантите и турските националисти.





