Вардар ја победи Барселона со 27-24, а Металург славеше кај Чеховски со 32-26 во денешните средби од петтото коло во групната фаза од Лигата на шампионите. Црвено црните со тоа се одново самостојно водечки во првиот состав со 9 бодови и без пораз, а сините од Автокоманда стасаа до пет бода и фаќаат приклучок во борба за првите две позиции во конкуренцијата Д.
Во Јане Сандански во големото континентално ракометно дерби Вардар одигра пеколна одбрана, предводена секако, од Арпад Штербик кој имаше 9 одбрани до полувремето, а 15 вкупно, што го насочи мечот доста рано. Со серија од 5-0 Европскиот првак поведе веднаш по средината на водениот дел, по што Каталонците не се заканија најконкретно и веќе не дојдоа ни до егал, ни до ситуација да напаѓаат за нерешено. Неизвесноста сепак, постоеше, некаде до 50 минута кога при резултат 20-16, вардарци направија нови 3-0 и го заклучија мечот во кој нашиот тим имаше и премногу расположени и мотивирани играчи, настрана што Раул Гонзалез ја имаше прочитано Барса која лесно можеше гостувањето во Скопје да го заврши под 20 дадени голови.

Што се однесува до дуелот во Чехов двете екипи имаа периоди на добра игра во првото полувреме, па одморот беше дочекан со израмнети бројки на семафорот (15-15). Во вториот, Чеховски медведи кусо се одлепија, но само за плус 2, а потоа на сцена стапи голманот Мартин Томовски кој нанижа 11 интервенции и на Металург до 44 минута му овозможи серија од 6-0, што беше патоказ за конечен триумф. По два гола во неа вградија Танкоски и Илиќ, по еден Јагањац и Пешевски за водство со 23-19 што во последната четвртина од натпреварот, без особена дополнитена возбуда нарасна и до шест гола(32-26).





