Обвиткана со македонското знаме, Катерина Шиповиќ стигна на целта на ултрамаратонот од Атина до Спарта, долг 246,75 километри, еден од десетте најтешки во светот.
Државната рекордерка на Македонија го исполни условот да ја истрча патеката под 36 часа, забележувајќи време од 34:29,53 ч., со кое го освои 18. место меѓу 22 учеснички и 109. во апсолутна конкуренција меѓу 388 натпреварувачи од 55 земји.
Шиповиќ стартуваше во саботата во 7 ч. во Атина, а во Спарта пристигна денеска во 17:29 ч.
Спартатлон е трка по оригиналната патека на Феидипидес, кој во 490 година п.н.е. пред битката кај Маратон бил испратен во Спарта да побара помош во војната меѓу античките Грци и Персијците.






