Нулта толеранција за корупцијата, континуиран раст на БДП за над 5%, квалитетна и ефикасна јавна администрација – ова се трите постулати на планот на организацијата „Македонија 2025“ за просперитет на Македонија под мотото “Една визија за забрзан раст“. Организацијата најави дека ќе ја активира целата своја мрежа и ресури за постигнување економски напредок на Македонија. Бордот на директори упати апел до политичкиот фактор – дека секој подеднакво треба да работи на развој на стратегијата, без оглед на партиската припадност. Програмата ќе биде презентирана и на академската фела, бизнис заедниците, граѓанскиот сектор. Раководството на организацијата се надева дека овие мерки ќе бидат земени предвид од страна на политичките елити и ќе се најдат во некоја од предизборните програми.
„Планот на мерки и реформи што го нудиме е еден начин за реализирање на повисоки стапки на раст, силно веруваме дека може да придонесе во постигнување на раст од 5%, но зборуваме и за фундаменти без кои не може да се постигнат промени. Зборуваме за нулта толеранција за корупција, инвестиции во човечки капитал, образование, квалитетна, продуктивна јавна администрација“ – рече извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска Блажевски.
„За да може да се постигне тој раст на БДП, потребно е да расте извозот. Тоа е еден од основните предуслови. Македонија е мал пазар но пазар со многу успешни приказни и треба да најдеме начин како тие приказни да ги раскажеме, надвор, ни требаат квалитетни производи, спремен и обучен кадар, инвестиции, истражувања во нови технологии, да изнајдеме начин како да се диференцираме од конкуренцијата и како да успееме да создадеме додадена вредност„ – рече генералниот директор на „Алкалоид АД -Скопје“, Живко Мукаетов.
„Длабински да размислиме за кои неколку сектори ние како мала отворена економија имаме можност директно да претставиме можности за ивестирање ви-за-ви конкуренцијата. И во тој поглед ние треба сеопфатно да анализираме, што се случува во земјите од Западен Балкан, земјите од Централно-источна Европа, во земјите од Северна Африка, бидејќи сите овие земји се конкурети, бидејќи сите тие држави на еден или друг начин работат на привлекување на инвестиции – рече генералниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.
Извор: ТВ Алфа.





