По цели 40 години на Њујоршката берза на недвижнини се појавува апартманот на последниот југословенски амбасадор во Њујорк кој е познат како „Титовиот апартман“ затоа што Јосип Броз таму минувал и по неколку месеци во годината.
Пентхаусот на познатата Парк Авенија во петокот е даден на продажба со почетна цена од 18 милиони долари кои што ќе треба да ги поделат Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.

Апартманот кој е купен во 1975 година за 100 илјади долари е празен цели 27 години, вели претставник на фирмата за надвижнини Даглас Елиман од каде што велат дека веќе имаат неколку заинтересирани купувачи кои што чекаат да видат во каква состојба е местото во кое често престојувал доживотниот претседател на СФРЈ.
Во дуплекс апартманот од 418 квадратни метри има 13 спални соби како и две соби за послуга, три тераси, библиотека и соба за формални вечери.

Продавачите очекуваат поради својата историја, позиција и ентериер, апартманот да ја достигне бараната сума која што подоцна ќе биде поделена од пет сегашни независни држави на СФРЈ. Пред да се случи продажбата сите земји сопственици ќе мораат да дадат дозвола за негова продажба.





