Македонија трета во светот според процентот на иселени жители!

Со една третина т.н. експати или 333.123 иселени жители на еден милион, Македонија се наоѓа на третото место во светот според истражувањето на агенцијата за осигурување емигранти „Вилијам Расел“, со експозитури во над 160 земји.



„Од спорот за името до корупцијата, Северна Македонија се соочуваше со одредена политичка неизвесност низ годините, а оваа нестабилност можеби влијаеше на одлуката на нејзините жители да се преселат во друга земја. Без оглед на причината, неодамнешните податоци откриваат дека оваа земја забележала 333.123 емигранти на милион жители, трета највисока од секоја земја на нашата листа“, се вели во делот од извештајот за Македонија.

Неславен лидер во овој поглед во светски рамки е Босна и Херцеговина со 514.367 емигранти на еден милин жители, пред Албанија со 434.486, а зад Македонија на четвртото место е Молдавија со 287.481, а петта Хрватска со 253.234.

Бројот на меѓународни емигранти во последните три децении е зголемен за една третина, при што на врвот е Јужна Кореја со скок од 3.896 проценти – од 43.247 иселеници во 1990 година до 1.728.182 во 2020 година!

Втора е Колумбија со раст на бројот на емигранти од 1.727 отсто во наведениот период, трет Чиле со 1.430 отсто, а Бугарија е четврта со 757 отсто – 21.510 во 1990 година до 184.363 во 2020 година.

Од земјите во македонското соседство Србија е шеста со зголемен број на иселеници од 729 проценти за 30 години од 99.269 жители во 1990 година до 823.011 во 2020 година.