Никој во ракометната репрезентација на Македонија јавно не зборува за тоа, но потајно сите, а посебно „фалангата“, се надеваат во историски исчекор на Европското првенство во Хрватска – медал и директен пласман на Светскиот шампионат 2019 во Данска и во Германија.
„Не сакам да кажам полуфинале, сè уште не сме на тоа ниво да ветуваме. Дали ќе бидеме четврти, петти, некое место подолу или погоре во моментов не е умесно да се зборува. Одиме чекор по чекор“, порача голманот Борко Ристовски, прогласен за МВП на мечот со Германците, кога забележа 12 одбрани.
Токму Данска и Германија избија пред избраниците на селекторот Раул Гонзалес по синоќешниот почеток на втората фаза во Вараждин, кога Данците беа подобри од Словенија со 31:28, а Германците ја совладаа Чешка со 22:19. На тој начин и двете селекции дојдоа до четири бода, еден повеќе од Македонија, која утревечер од 20:30 часот ќе стартува против Шпанија, која има два, колку и Чешка, а Словенците практично се збогуваа од полуфиналето, останувајќи на еден бод.
„Со реми или со евентуална победа над Шпанија, ќе отвориме многу врати. Распоредот и трите дена одмор ни овозможуваат максимално подготвени да им се спротивставиме на Шпанците. Во меѓусебните дуели се подобри, но така беше и против Словенија и Германија, па ја прекинавме лошата традиција“, вели левиот бек Филип Лазаров, кој го пропушти дуелот со Германците поради повреда.
Полуфиналето и борбата за медалите теоретски се достижни и со три од можните шест бода во втората фаза на ЕП, односно со вкупно шест бода, ако се наредат коцките, како што ѝ се наредија, на пример, на Хрватска на претходното ЕП 2016 во Полска. Тогаш Хрватите завршија втори во кругот со Франција и со Полска, кои исто така имаа по шест бода, но „коцкестите“ беа најдобри на мини-табелата од дуелите со нив. Потоа во полуфиналето загубија од Шпанија, но во натпреварот за бронзениот медал ја победија Норвешка.
„Да не се летаме, да останеме земја. Не сме фаворити. Навистина играме добро, но сега не е време за големи изјави“, порача кружниот напаѓач Стојанче Стоилов.
Покрај сонот за медал, влогот во мечевите со Шпанија утревечер, со Чешка во вторник од 20:30 часот и со Данска в среда од 18:15 ч. е и настап на СП без бараж, ако „црвено-жолтите“ се изборат за едно од трите места што од ова ЕП директно водат на планетарниот ракометен собир. Теоретски, таму може да ги одведе и шестото место, ако меѓу освојувачите на медали сега во Хрватска се најдат соорганизаторите на мундијалот Данска и Германија и светскиот шампион Франција, кои автоматски се пласирани на СП што ќе се одржи од 9 до 27 јануари 2019 година.
Засега е извесно дека во мундијалскиот бараж Македонија не би се сретнала со Унгарија или со Исланд, кои ќе бидат во садот на носителите, а другиот, покрај Црна Гора и Австрија од ова ЕП, го сочинуваат и победниците на квалификациските групи Босна и Херцеговина, Литванија, Холандија, Португалија, Романија и Русија.