Македонија не е меѓу приоритетите во жешката есен на Ципрас

Периодот од септември до ноември ќе биде клучниот период во кој што грчкиот премиер Ципрас може да ја спаси неговата партија од сигурен пораз на изборите во 2019 година.



Според грчките медиуми тој наесен ќе се обиде преку низа домашни и меѓународни чекори да ја намали предноста од 11 % која што ја има лидерот на Неа Демократија Киријакос Мицотакис.

Во мерките за кои се подготвува владата на Ципрас ја нема Македонија.

Главните цели се економијата, социјалните аспекти на грчката криза и меѓународните односи во кои засега не фигурира и спорот за името или влез на Македонија во НАТО.

Првите чекори кои што грчката јавност ги очекува од Ципрас за кои се претпоставува дека можат да бидат и радикални треба да се очекуваат на Солунскиот саем на почетокот на септември кога традиционално грчките премиери ги најавуваат своите чекори.

Ципрас во третата недела од септември патува во САД каде што на маргините на Генералното собрание на ОН треба да се сретне со Доналд Трамп. Од оваа средба се очекува поддршка од САД за повлијателна позиција на Грција во Југоисточниот Медитеран и во цела Европа што се смета за една од главните карти на премиерот кога ќе се соочи со гласачите за две години, пишува Независната балканска новинска агенција.

Потоа Ципрас на Кипар ќе се сретне со францускиот претседател Макрон со кого ќе разговара за емиграцијата. безбедност, Брегзит и други теми.

Доколку во периодот до пред нова година Ципрас не успее да ја стабилизира својата власт и не донесе драматични промени во Грција особено на полето на економијата и социјалата , според аналитичарите тој ќе има само минимални шанси до текот на 2018 година да ја стигне Неа Демократија во битката за формирање на нова влада.

Во оваа битка Македонија може да му биде само пречка и политички ризик затоа тешко е да се претпостави дека Ципрас пред изборите ќе сака да решава спор кој што може да му донесе само политичка штета.