Македонија е една од најкорумпираните земји во Европа – пишува Јордан Ристовски

МАКЕДОНИЈА ЕДНА ОД НАЈКОРУМПИРАНИТЕ ЗЕМЈИ ВО ЕВРОПА



ФАКТИ:
Проблемите на растот на стопанството во Македонија,само во мал дел се поврзани со мерките и коригирањата од доменот на економската политика.

Клучни кочници на забрзувањето на стопанскиот развој секако дека лежат врз пошироките општествени процеси и нарушените скали на вредности, кои во основа се криминални и кои сериозно ги поткопуваат темелите на вкупниот општествен амбиент потребен за здрав и долгорочен одржлив развој и раст на стопанството и конечно излегување на граѓаните од сиромаштијата во нашата земја.
Во областа на економската политика секако би можеле да се унапредат некои работи. Пред се добро би било за носители на економската политика да имаме луѓе кои навистина ги разбираат макроекономските прашања.

Фискалната политика би требало да престане со нерационали политички популарни трошења на парите на даночните обврзници.

Монетарната политика во праксата би требало да спроведува само тоа што стои во официјалните документи на нашата држава, а не да зборува едно а во пракса да спроведува друго.

Јавните претпријатија би требало да се претворат во корпорации и да се постават професионални менаџменти, но и финансискиот систем би требало додатно да се изгради во домените кај што постои простор за негово унапредување.

Меѓутоа клучните развојни проблеми на нашата земја лежат во погрешните-општествени, поточно криминални процеси кои се одвиваат околу граѓаните употребувајќи ги нивните пари за лични интереси. По оценките на сите релевантни меѓународни институции како и според оценките на нашиот стратешки партнер и докажан пријател САД, кои ги следат патиштата на корупцијата и перење на пари Македонија од 2009 година, е во континуиран пад и е една од најкорумпираните држави во Европа со изразити проблеми во областа на перењето на пари.

Македонија е една од многу ретките земји во Европа ставена на листата на меѓународната агенција за спречување на перење пари и финансирање на тероризам(FATF) од средината на 2016 до средината на 2019 година, но и ден денес е под постојан засилен режим на надзор.

Кладилниците постанаа најраспротранет вид на „дејност/работа“ и притоа се превземани најфреквентните улици и најподобните деловни простори за овој бизнис во строгите центри на нашите градови. Нашите деца се многу послабо образувани од своите врсници во добро уредените држави и нивното заостанување на крајот на основна школа,изнесува околу една година.

Општо познат факт е дека постигнуваат многу слаби резултати на PISA тестовите,но проблемите со образованието на повисоките академски нивоа е уште поголем.

Поради поплавата на неквалитетни, лажни плагирани дипломи на т.к.н. мастери доктори кои не само што се масовно присутни, без било каква сериозна правна осуда туку тие често раководат и со нашиот актуелен политички живот и се наоѓаат на клучни раководни позиции со кои одлучуваат за иднината и судбината на државата.Врв на иронијата е дека странски сопственици од комшилокот ги печатат учебниците за нашит деца и така добро профитираат.

Здравствениот систем во голема мера разбиен, крајно неефикасен, неорганизиран и многу скап, а за проблемите и неефикасноста на нашиот правен систем не треба да се троши ниту збор. Доколку општествето како нашето се движи во правец во кој невистината е појака од вистината, необразованоста појако од образованоста што значи дека доминира и владее незнаењето над знаењето, непристојноста појака од пристојноста, а лагата/преварата појака од чесноста/поштеноста, таквото општество го губи тлото и основата и за стопански развој.

Ова дотолку повеќе што богатите земји почиваат на тоа што добро образованите и здрави луѓе со конкуретни знаења и вештини вредно работат во добро уредени системи со правна заштита,слободен пазар и јаки институции.

На Македониоја и е потребно темелно „општествено ресетирање“, па дури потоа врз основа на солидните економски политики, да добие реална шанса постепено да се претвора во богато и среќно општество и да го зголеми стандардот на живеење на своите граѓани.

Јордан Ристовски.