Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и лидер на опозицијата денеска најави дека неговата партија ќе ја прекине конструктивната политика која што дел од јавноста според него ја нарекувала попустливост.
На прес-конференцијата во неговата партија на која што не беа дозволени прашања за новинарите во врска со обвиненијата на СЈО тој изјави дека станува збор за политички, а не за правен процес со цел уништување и замолкнување на партијата.
Според Груевски, СЈО кое денеска побара притвор за него и за неговите најблиски соработници Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и други лица, нема кредибилитет бидејќи одлуките биле носени без правни докази. Груевски вели дека СЈО е канцеларија на СДСМ која спроведува политичка постапка за егзакуција а не правна постапка.
Во неговата изјава Груевски рече дека покрај ВМРО – ДПМНЕ цела на СЈО се и судии и новинари за слободно изречени пресуди и мислења.
Груевски не објасни што точно ќе значи прекинот на конструктивноста на неговата партија. Мерките кои што може да ги преземе најголемата парламентарна партија се широки; од протести и блокирање на сообраќај и институции, неспроведување на судски и други одлуки на државни институции се до повик на граѓанска непослушност.
Со најавата од ВМРО – ДПМНЕ, во случај судиите на барање на СЈО да одредат притвор за некој од функционерите на партијата а МВР се обиде да ги изврши наредбите за апсење извесно е дека Македонија ќе влезе во нова, досега најдлабока политичка и безбедносна криза.






