Австралискиот атлетичар со македонско потекло Кристофер Митревски триумфира на шампионатот на Австралија во скок во далечина и избори место во репрезентацијата за претстојните Олимписки игри во Париз!



Популарниот Крис прескокна 8,32 метри во последната серија, подобрувајќи го личниот рекорд за 11 сантиметри, а остварениот резултат носеше медал на сите олимпијади од 1992 година наваму!

Скокот на 27-годишниот Митревски го искачи на шестото место на вечната австралиска листа во оваа дисциплина, прескокнувајќи ги олимпискиот вицешампион од 1984 година Гери Хани и првакот на Комонвелтот од 1998 година Питер Бурџ.

Тој скок би бил доволно добар за да обезбеди бронза на Олимписките игри во Рио 2016 и во Токио 2020 и е за 1 сантиметар подобар од обидот на Британецот Грег Радерфорд кога го освои златниот медал на Игрите во Лондон во 2012 година!

Митревски ја претставуваше Австралија на изминатите две светски првенства, но не ги помина квалификациите на ниту едно од нив, со тоа што на последното финалето му побегна само за еден сантиметар. Сега предизвикот е да се повтори денешниот настап и на најголемата од сите атлетски сцени во Париз на почетокот на август.

„Пред две години имав прилично добар настап на државното првенство, што ме натера да верувам дека имам многу повеќе во себе, дека можам да се борам и за медал наместо да бидам само бројка на Олимпијадата. Многу се борев со конзистентноста и се надевам дека ова е чекор подалеку од тоа и оти можам да одам уште подалеку“, изјави тој за австралиските медиуми.

Неделната победа беше квантен скок за Митревски, бидејќи додаде 11 сантиметри на неговиот претходен личен рекорд.

„Дефинитивно изгледаше како личен рекорд. Не знам какво е чувството на 8,30 м, бидејќи никогаш претходно не сум го направил тоа, но се чувствував подобро од кој било скок што некогаш сум го остварил. Толку долго бев во воздух, а потоа слетав, истрчав отстрана и видов дека е прилично далеку“, додаде новиот (спортски) херој на македонската заедница во Австралија.