Патничкиот железнички сообраќај се одвива нормално и без прекин, со минимални задоцнувања кои брзо се надминуваат благодарение на интервенциите од дежурните екипи од ЈП „Инфраструктура“ кои се на терен. Министерството за транспорт и врски соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по чисти коловози со актуелни забрани за движење на тешки товарни возила на превоите и одделни гранични премини.
- Посебен акцент е ставен на интервенции кај критичните точки, обезбедувајќи непречено и безбедно движење на патничките возови. Товарниот железнички сообраќај се одвива со мали застои, кои главно се предизвикани од заснежени или замрзнати свртници. Јавното претпријатие „Инфраструктура – Железници“ исто така со дежурни екипи континуирано работат на расчистување и одржување на свртниците, овозможувајќи континуитет во сообраќајот. „Железници на Северна Македонија – Транспорт“ и ЈП „Инфраструктура“ остануваат посветени на обезбедување квалитетна и сигурна услуга за сите корисници, велат од Министерството за транспорт.

Оттаму додаваат дека јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, со целокупната механизација и работна сила е на терен и во континуитет врши расчистување на државните патишта.
- Од информациите од терен од страна на сообраќајните служби, воведена е забрана за тешки товарни возила на следниве патни правци и планински превои: Крива Паланка – ГП Деве Баир, ГП Делчево кон Бугарија за возила над 7.5 тони Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар-Стража-Кичево, Тетово – Попова Шапка, Пресека, Плетвар, Ресен – Битола преку планинскиот превој Ѓавато, Македонски Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос , додека на автопатот Пријателство кај с.Миравци, тешките товарни возила се пренасочуваат преку стариот пат Удово – Демир Капија, велат од Транспорт.





