Како личните податоци што граѓаните ги оставаат во полицијата при пријава за каснување од куче или по сообраќајна несреќа завршуваат кај адвокатите само неколку дена по инцидентите? Голем број граѓани сведочат дека веднаш по пријавувањето на немилиот настан во полиција добиваат телефонски повици од адвокати кои им нудат правни услуги, објави Плусинфо. Прашањето е како адвокатите доаѓаат до овие податоци кои се дадени само на полициски службеници?
Македонските граѓани, за жал, имаат ниска култура за своите граѓански права и поради тоа најчесто не ги ни бараат. Под мотото „ќути си, да не биде полошо“ поминуваат неказнето бројни престапи. Но, и покрај тоа што ваквите случаи не се пријавени ниту во полиција, ниту кај Агенцијата за заштита на податоци, ниту во Адвокатската комора, факт е дека граѓаните се изложени на несакани и неочекувани споделувања на нивните лични податоци на релација полиција-адвокати. Останува само прашањето дали обвинителството ќе преземе мерки за да ја истражи и разбие оваа добро разработена мрежа?

Неколку граѓани со лични сведоштва потврдуваат дека адвокат им се јавил со понуда да ги застапува откако им се случила некаква непријатност која ја прихавиле во полиција. Граѓаните се исплашени и зачудено прашуваат како е можно некој да ги споделува нивните лични податоци, особено лица вработени во полиција кои треба да ги штитат и нив и нивните податоци.
– Пред три дена мојот син направи сообраќајна несреќа, откако се излизгал со возилото. Се судрил со друг автомобил. Во несреќата имаше повредени, за среќа, сите полесно повредени. Јас сакав да ги дознам контактите од патниците од другото возило, за да се чуеме, да прашам како се итн, но од полицијата во никој случај не сакаа да ми ги дадат. Ми велеа дека ќе сме ги добиеле со записникот. А само после неколку часа, на син ми му се јави адвокат, за да му понуди да го застапува во врска со сообраќајката. Од каде го дозна адвокатот бројот на син ми, ако не од полиција? – прашува загрижената мајка, која побара да остане анонимна.

Слична ситуација ни раскажа и 34-годишен скопјанец кој пред речиси една година бил каснат од улично куче. Тој по инцидентот, заминал во болница на преглед, а оттаму се упатил во станица за да го пријави случајот. Скопјанецот раскажува дека ден-два подоцна добил дури 5 повици од адвокати или адвокатски канцеларии кои му се понудиле да бидат посредници во тужбата кон Град Скопје и ЈП „Лајка“.
– Ме касна улично куче и завршив во Градската болница, оттаму отидов на Инфективната клиника за да добијам медицински третман. Вработените ми рекоа дека со потврдата ќе можам да пријавам во полиција и да поднесам тужба за отштета. Па тоа и го сторив откако излегов од болница. Уредно пријавив во полициската станица во Аеродром, таму ми рекоа да им оставам телефонски број и дека за ден-два ќе ме контактираат да дојдам да ја земам потврдата со која може да ја поднесам тужбата. Веќе следниот ден добив 5 повици на мојот телефон од адвокати кои сакаа да ме застапуваат во овој случај, но јас ги одбив бидејќи си имам мој адвокат. Навистина ми беше чудно како може тие да го дознаат моето име и презиме, па и телефонски број и да ми се јавуваат. Потоа претпоставив дека најверојатно станува збор за некоја соработка меѓу полициските службеници и некои адвокатски канцелари, кои потоа ја делат наградата што треба да им се исплати по добивање на отштетата – вели скопјанецот.
Тој додава дека по добиената отштета од Град Скопје од 30.000 денари денари, 20 проценти или 6.000 денари, требало да му плати на адвокатот. Скопјанецот се сомнева дека адвокатите ја делат оваа сума со нивните „доушници“ од полицијата.
Трет случај кој се случи пред крајот на 2024 година е сообраќајка во Скопје во која имало двајца повредени од кои едно малолетно дете.
– Ми се јави сопругата од болница, целата испаничена и исплашена и ми кажа дека ѝ се јавил адвокат кој знаел буквално сѐ што се случило па дури и тоа како плачело нашето повредено дете кога се случила сообраќајката – сведочи скопјанец, кој и самиот не знаел каде да се обрати откако сфатил дека не е доволно заштитен од полицијата.
Повеќе на Плусинфо.мк.





