„На денешен ден, на 20 октомври во 1915 година во Ореовец, е роден Мирче Ацев, народен херој на Македонија и македонскиот народ, комунист, антифашист. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен како народен херој на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија, кои го добиле тоа одликување, заедно со Стеван Наумов-Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски-Карпош и Кузман Јосифовски-Питу.“ – пишува на интернет-страницата на „Википедија“
Писмото од Ацев на македонски јазик од 30.11.1942, кое ги побива големобугарските манипулации за непостоење македонска азбука и писмо пред 1945
Натаму, на „Википедија“ се истакнува: Уште на почетокот на бугарската окупација се вклучил во народноослободителното движење. Во 1942 година станал привремен секретар на Покраинскиот комитет. Заедно со Кузман Јосифовски-Питу се залагал за оружена борба и пристапил кон создавање неколку нови партизански одреди во Македонија. Во писмото испратено од него до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во Бугарија, пишувано на 30 ноември 1942 година, ја опишал тешката положба на населението, врз кое покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите, кои им слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов и ванчомихајловистичката дружина. Ацев нагласил дека населението јасно ја увидело сликата кој е окупатор, а кој е е ослободително движење. Писмото на Ацев, кое е зачувано, пишувано е со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и ден денес. Со ова писмо се побиваат и големобугарските манипулации за непостоење македонска азбука и писмо пред 1945. Писмото се чува во архивот на ИНИ арх. бр.176.
Заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес заедно со Страшо Пинџур. По петдневно ѕверско мачење во Обласната полициска управа во Скопје Мирче Ацев и Страшо Пинџур биле усмртени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година. Потоа биле фрлени низ прозорец, за да се исценира самоубиство. Откако се расчуло за маченичката смрт на Ацев и Пинџур, нивните соборци издале леток, во кој ги изразуваат нивните стремежи и борба за слобода. Ги опишуваат и нивните херојски семејства, како семејства, кои се бореле за слобода на Македонија и за зачувување на идеалите и на патот, поставен од илинденците.
Мал дел од писмото ги опишува теророт и морничавата глетка на нивните тела: „На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакво дзверско и нечовечно мачене немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, поучени от Мирчевиот случај…“
Во чест на Мирче Ацев, првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија, формиран на 18 јули 1943 година, го доби неговото име. Во негова чест и во чест на Пинџур се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“ и „Вардаре горд, подзапри“.
„Денес кога некој се обидува да го релативизира славното минато на Македонците, настојувајќи на тој начин да го претстави како сопствено и да го присвои, универзитетските професори и историчарите нагласуваат дека како држава и нација не смееме да заборавиме дека Народноослободителната и антифашистичката борба во Втората светска војна е нераскинлив дел од стремежот на македонскиот народ за слобода и сопствена држава. Во оваа борба илјадници знајни и незнајни борци ги положија своите животи, а во историското паметење на Македонците особено место заземаат великите национални херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур, поради нивната истрајност и саможртва.“ – се вели во статијата со наслов „Македонските херои со порака и за денешницата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“ на 4 јануари 2023 година.
Покрај другото, натаму во статијата пишува: Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека народноослободителната и противфашистичка борба и трагичната судбина на двајцата македонски херои може да послужат како поука и денес како треба да се бранат националните интереси и човечкото достоинство. По окупацијата на Македонија од страна на фашистичка Италија и Бугарија започна македонската борба за слобода и државност. Бугарија настојуваше да присвои колку е можно поголем дел од територијата на Македонија и постојано ги негираше македонските национални особености, претставувајќи ги како бугарски. Нејзиниот државен апарат не избираше методи и средства во настојувањата да ја уништи народноослободителната и противфашистичка борба на Македонците.
За борбеноста, саможртвата и истрајноста на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, како и за плејада други македонски комунисти и слободољупци, кои низ македонските шуми го започнаа партизанскиот пукот, Литовски посочува дека тие го симболизираат незгасливиот стремеж за слобода на Македонија и Македонците.
„Тие пукотници беа причина да започнат бесните рации на бугарските џандари, ноќните препади и крвавите распити со избиени заби и искршени коски, смртните осуди, ненадејни интернации на цели семејства од ‘неблагонадежни’, секојдневните посегања по македонското и човечко достоинство, сликите на мртовците по македонските планини, села и мрачни градски улици… На Македонија секогаш ќе ѝ биде потребно сеќавањето на ѕверското изживување врз Страшо и Мирче, ќе ѝ треба ‘memento mori’ – сеќавање за смртта на овие двајца македонски борци и страдалници, како и на многубројните други македонски антифашистички херои, кои со пушка в рака ги извојуваа македонската слобода и правото да се живее човечно и државотворно.“ – укажува проф.д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја.
Преземено од: „Википедија“ и „Нова Македонија“





