Литовски: Ако сакаме да нè има, треба да го следиме патот на борците-државотворци, кои ја создадоа асномската македонска држава!

„Мора секогаш, одново и одново, да се говори за нашите борци-државотворци против италијанскиот, германскиот, албанскиот и бугарскиот фашизам, против фашистите, балистите, и врховистите. Со востанието на 11 октомври тие ја создадоа асномската македонска држава. Денес многумина сакаат тие нашите борци-државотворци и таа асномска македонска држава да ги испратат во заборав. Ако сакаме да нè има, тоа не смее да им се дозволи! Денес во изградбата и јакнењето на македонската држава и македонските национални белези треба да го следиме патот на нашите македонски партизани. Денес сите вистински македонски патриоти треба да се наредат во стројот во одбрана на остварениот македонски национален и државотворен сон за слобода, сон за право на свој македонски збор, за одбрана на остварениот сон за своја држава, за свое достојно место во Европа и светот.“ – има истакнато историчарот д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја во Скопје, во својата колумна со наслов „Борци-државотворци“, која ја постави односно на својот фејсбук-профил. Оваа колумна, која и денес ја задржува својата актуелност, професорот Литовски инаку ја има првично објавено на 7 октомври 2021 година на информативниот портал „Денес магазин.мк“.



Покрај другото, во оваа колумна Литовски има напишано: Тие наши борци-државотворци и антифашисти и комунисти, со натчовечка верба во еднаквоста, правдата, македонштината, влетаа во вителот на националноослободителната војна и – излегоа победници. Тие млади партизански борци ја започнаа и ја издржаа борбата со злокобните сили на италијанскиот, германскиот, албанскиот и бугарскиот фашизам. Мора одново и одново да се говори за Мирче, Страшо, Стив, Лазар, Кузман и останатите праведници,  кои, токму во тоа протiвмакедонско опкружување го изразуваа гласно и јасно својот презир кон врховистичките негирања на одделниот македонски национален идентитет и повикуваа на правовремена борба против фашизмот.

Во таа пресудна македонска 1941 година, најчесто, нашите борци-државотворци беа момчиња и девојчиња во цутот на својата нераспролетена младост. Но, иако такви, млади, беа одушевени од големиот стремеж за револуционерно преуредување на неправедниот свет, беа обземени од желбата да се разобличат дејствата на противмакедонските центри на моќ во Софија, Белград и Атина и тие еднаш за секогаш да се уништат. Овие наши државотворци ја прифатија како безалтернативен предизвик сопствената антифашистичка борба, преку осојузување со светската антихитлеровска коалиција, да ја претворат во остварување на аманетот на поранешните борци за македонско национално ослободување, како можност за втор Илинден, низ кој ќе се избори вековниот сон на македонскиот народ за своја национална држава.

Со такви возвишени мисли и идеали тие јуришаа од планинските беспаќа кон небото, за да  да го изборат вековниот и дотогаш никогаш остварен македонски сон. Тие борци-државотворци со насмевка одеа и на бесилка, и и на стрелање, знаејќи дека ќе бидат однесени во неврат и фашистите, и балистите, и врховистите, а наместо нив ќе израсне нов, почовечен човечки живот на земјата, а Македонија ќе ја огрее „ново сонце на слободата“.

На оние што ја изборија слободна Македонија можеме и треба да им се оддолжиме со сеќавање на нив и нивните дела и оддавање на секојдневна и искрена љубов и почест. Востанието на 11 октомври ја изроди асномската македонска држава. Денес многумина сакаат тие нашите борци-државотворци и таа асномска македонска држава да ги испратат во заборав. Ако сакаме да нè има, не смее да им се дозволи!